Министерство за внатрешни работи информира дека ОВР Кичево поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари (52) од село Србица, како и против уште две лица и еден правен субјект, поради сомнение за злоупотреби и несовесно работење со кои е оштетен буџетот на општина Кичево за 1.457.205 денари.

Против Дехари е поднесена пријава за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Според полицијата, на 8 јануари 2025 година, во својство на градоначалник, тој донел план за јавни набавки за 2025 година спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности.

Иако општината има јавно комунално претпријатие, сите комунални дејности биле доверени на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол, со намера, како што наведува МВР, да се стекне со поголема имотна корист на штета на општинскиот буџет.

Второпријавениот, Б.К. (46) од село Аранѓел, се товари за „несовесно работење во службата“, како одговорно лице задолжено за одржување на зелени површини, поради пропуштање должен надзор и несовесно постапување.

Третопријавениот, Д.С. (41) од село Длапкин Дол, управител на правното лице, е осомничен за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, односно дека свесно ги повредил прописите во постапката.

Според полицијата, вкупно исплатените средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесуваат 1.457.205 денари, со што е нанесена штета на буџетот на општина Кичево.