Третото издание на Саемот на образование и кариера ќе се одржува денеска и утре на вториот кат на ТЦ „Скопје сити мол“ во организација на студентската и младинската информативна платформа „Студентарија“. Во двата дена настанот ќе биде отворен од 11 до 16 часот, со бесплатен влез за сите заинтересирани.

Како што е најавено, на отворањето на саемот денеска ќе присуствува и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која ќе ги поздрави учесниците и ќе ги посети нивните штандови.

Организаторот соопшти дека саемот ги поврзува младите со образовните институции и компаниите нудејќи им можност на едно место да ги истражат своите академски и професионални перспективи. Настанот е наменет, пред сè, за средношколците матуранти, кои треба да одлучат каде да го продолжат образованието, како и за студенти што размислуваат за продолжување на студиите, специјализација, преквалификација или се во потрага по пракса и можности за вработување.

– Главната цел на саемот е младите да донесат информирана одлука за својата иднина, но и да се промовираат можностите што ги нудат домашното високо образование и кариерниот развој во земјата. Оваа година учеството го потврдија 12 универзитети со над 100 факултети од Македонија, академии за дигитални вештини и современи професии, како и голем број компании, кои ќе понудат информации за пракса, работа и професионален напредок – соопшти организаторот.

Посетителите на саемот ќе имаат можност директно да разговараат со претставници на факултетите, да се информираат за студиските програми, уписните рокови, стипендиите и студентскиот живот и да присуствуваат на панел-дискусии и работилници поврзани со кариерно советување и развој на вештини потребни на современиот пазар на труд.

– Дел од програмата ќе биде и родителското катче, наменето за родителите и старателите, со цел и тие да добијат релевантни информации и насоки како да ги поддржат младите во оваа важна животна фаза – се наведува во соопштението. хс/ев/

Фото: платформа Студентарија