Најновите податоци од Државниот завод за статистика за декември 2025 година откриваат интересна слика за енергетските навики на граѓаните. Европа забрзано се движи кон „зелена“ транзиција, а бројките дека инашата земја се труди да го фати овој тренд, иако се уште сме цврсто зависни од традиционалните енергенти за да ја пребродиме зимата.

Сепак, она што дава надеж е дека само за една година видно е зголемено производството на електрична енергија од обновливи извори (за дури 16 отсто повеќе од лани). Дополнително, потрошувачката на гас, кој се смета за екогориво, во декември 2025 година е зголемена за 34,3 отсто (најмногу поради когенеративните постројки) споредено со декември 2024 година.

Што покажува ДЗС?

Според последниот извештај на Државниот завод за статистика, објавен во средата (25.02.2026), во декември 2025 година биле потрошени над 821 илјада мегават-часови електрична енергија, 47 милиони кубици природен гас и безмалку 262 илјади тони јаглен.

Најголем дел од потрошената струја — 78,4 отсто — била обезбедена преку домашно производство на електрична енергија. Од друга страна, дури 99,6 отсто од потрошениот јаглен бил искористен за производство на струја.

Иако сè уште најголем дел од струјата се произведува во термоцентрали или, пак, комбинирани централи и индустриски енергани, согласно податоците од Државниот завод за статистика, во декември 2025 година производството на струја од обновливи извори (хидроцентрали, соларни панели или ветерници) се зголемило за 16 отсто за само една година (споредено со декември 2024 година). Најголем пораст има кај производството на струја од соларни панели.

ТАБЕЛА 1 Споредба на производство обновливи извори (декември 2025 наспроти декември 2024: Државен завод за статистика)

Извор на енергија Декември 2024 (MWh) Декември 2025 (MWh) Промена (%)
Хидроцентрали 68 726 73 881 +7.5%
Ветерни централи 12 967 13 875 +7.0%
Соларни панели 13 155 22 233 +69.0%
ВКУПНО (ОИЕ) 94 848 109 989 +16.0%

 

Повеќе од половина од произведената струја во декември редовно ја трошат домаќинствата (во декември 2025 година домаќинствата потрошиле 365 илјади 539 мегават-часови). Ако официјалните податоци ги сведеме на ниво по глава на жител, во просек секој Македонец во текот на декември потрошил околу 453 kWh електрична енергија. Но, она што нè издвојува од европскиот просек е високата потрошувачка на јаглен – дури 144 килограми по глава на жител за само еден месец.

Во истиот период, потрошувачката на природен гас се движи во просек од 26 кубни метри по жител, што е прилично скромно. Но, споредено со декември 2024 година, потрошувачката на гас годинава е зголемена за 34,3 отсто (најмногу поради когенеративните постројки).

Колку трошиме во споредба со Балканот и Европа?

Ако се земат предвид официјалните податоци од неколку балкански и неколку европски држави, ќе се види дека Македонците во месецот кој се смета за еден од најтрошаџиските во годината, трошат приближно струја колку и нивните сограѓани на Балканот или во Европа.

На Балканот се чини дека најштедливи се Албанците (тие трошат само по 270 киловат-часови месечно, додека Македонците и Србите по 453 kWh, односно 512 kWh). Сепак, тоа се должи на помалиот број индустриски капацитети и специфичната енергетска мрежа. Она по што е лидер Албанија е тоа што споре днекои податоци, над 90 отсто од струјата ја произведува преку хидроцентрали.

Просечниот Германец троши слично количество струја како Македонецот (~515 наспроти 453 kWh), со тоа што таму потрошениот гас по глава на жител е фрапантен и највисок во Европа (102 кубици гас месечно по жител). Французите се најкомотни во трошењето струја. Во просек, во студениот декември лани потрошиле по 600 kWh по жител. Причината е едноставна: огромниот дел од француските домаќинства се греат на струја произведена од нуклеарни централи. На Балканот ваква комоција поради нуклеарната енергија имаат Бугарите.

ТАБЕЛА 2 Месечна потрошувачка по жител (Декември 2025)

Држава Електрична енергија (kWh) Природен гас (м³) Карактеристика Извор на податоци
Македонија 453 26 Висока зависност од јаглен. ДЗС (Македонија)
Србија 512 63 Слична структура како МК, но повеќе гас. Републички завод за статистика (РЗС)
Бугарија 558 54 Голем извозник на струја (нуклеарна). NSI Bulgaria / Eurostat
Германија 515 102 Енормна индустриска

потрошувачка на гас.

Destatis / AGEB
Франција 598 55 Лидер во нуклеарна енергија (струја за греење). RTE France / Eurostat
Албанија 270 1.8 Речиси 100% хидроенергија; ниска гасификација. INSTAT Albania
Полска 386 55 Најголем потрошувач на јаглен во ЕУ.  

Други извори:

  • Државен завод за статистика на Р. С. Македонија, Соопштение за енергетика (декември 2025/јануари 2026).
  • Eurostat Monthly Energy Statistics, data series 2025.
  • Ember: European Electricity Review 2026 (Annual insights).
  • IEA World Energy Outlook 2025 – Monthly trackers.
  • National Statistical Institutes (NSI Bulgaria, RZS Serbia, INSTAT Albania). (МИА)