Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за Њузмакс изјави дека меѓу сојузниците постои „широка поддршка“ за кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп насочена кон иранските нуклеарни и ракетни капацитети, иако поединечни европски лидери јавно ја критикуваа операцијата.

Руте рече дека сојузниците во голема мера го поддржуваат она што го прави претседателот на Америка, како и дека овозможуваат спроведување на активностите кои САД моментално ги преземаат во регионот за отстранување на иранските нуклеарни и ракетни капацитети, но нагласи дека НАТО како сојуз не е директно вклучен.

– Европските сојузници имаат сериозни безбедносни грижи во врска со Техеран – нагласи Руте, укажувајќи на заканите и обидите за напади поврзани со иранскиот режим. Тој додаде дека Европа добро знае какво негативно влијание може да има Иран.

– Погледнете ги обидите за напади во многу земји на НАТО во Европа, врз иранската дијаспора. И мојата земја, Холандија, постојано е под закана од режимот во Техеран – изјави тој за Њузмакс.

И покрај критиките од лидери како францускиот претседател Емануел Макрон и шпанскиот премиер Педро Санчез, Руте истакна дека земјите на НАТО обезбедуваат „клучна логистичка и оперативна поддршка“ за американско-израелската кампања.

Руте нагласи дека силите на НАТО се подготвени да ја бранат секоја педа од територијата на сојузот додека тензиите во регионот растат. Како пример го наведе неодамнешниот инцидент со ракета насочена кон Турција.

– Видовте кога пристигнаа информации за ракета насочена кон Турција, која потенцијално можеше да ги погоди американските интереси таму, но беше соборена од противракетните системи на НАТО. Тој пример покажува дека системот функционира – додаде тој.

Во врска со активирањето на Член 5 (напад врз една е напад врз сите), Руте објасни дека Алијансата намерно останува „неодредена“ за тоа кога точно би се активирал овој механизам, со цел противниците да не можат однапред да ги предвидат потезите на сојузот.

Генералниот секретар додаде дека НАТО е во постојан контакт со пријателите и партнерите на Блискиот Исток, реагирајќи на неселективните напади врз ОАЕ, Бахреин, Оман, Саудиска Арабија, Кувајт и други земји.

– Во постојан контакт сме со нив за да се направи сè што е можно тие да останат безбедни и да им се пружи помош во тоа – заклучи Руте.

Фото: Архива