На продолжението од судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во Идризово сведочеше Горан Игновски, долгогодишен трговец со сценска и аудио-опрема, кој повеќе од три децении работи со озвучување, осветлување и сценски ефекти.
Игновски пред судот изјави дека околу година и пол пред пожарот им продал опрема за пиротехнички ефекти на членови на групата ДНК. Според неговото сведочење, Панчо купил уред за далечинско активирање, додека на друг член на бендот, идентификуван како Буцо, му биле продадени осум топли фонтани.
Станува збор за пиротехнички средства кои, како што појасни сведокот, вообичаено не ги нудел во продажба поради законските ограничувања. Сепак, тој признал дека од Бугарија лично донел околу стотина парчиња од брендот „Тропик“, првенствено за демонстративни цели. Дел од таа количина, вклучително и осум фонтани, биле продадени на ДНК.
Игновски не можеше со сигурност да каже дали токму тие прскалки биле употребени кобната вечер во Кочани. Потсети дека групата редовно користела ваков тип ефекти на настапите, па според негова проценка, низ изминатиот период биле потрошени значително повеќе парчиња.
Тој спомена и претходен инцидент во дискотеката „Де Факто“ во Гевгелија, каде што со слични фонтани било предизвикано запалување на сценска опрема.
Сведокот објасни дека топлите фонтани функционираат на барут и имаат поголем домет, поради што претставуваат поголем ризик при употреба во затворен простор. За разлика од нив, ладните фонтани се поскапи и се сметаат за побезбедни за сценска употреба.
Уредите за активирање, рече тој, биле легално увезени од Кина и се продавале по цена од околу 150 евра. По трагедијата, престанал да продава ваков вид опрема, а едно од преостанатите куферчиња го предал на полицијата.
Во судницата потврди дека топлите фонтани ги набавил без соодветни дозволи и дека сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, никогаш не купувал пиротехника од него. Наведе и дека во периодот кога ја продавал оваа опрема не биле вршени контроли од надлежните институции, иако производите имале предупредувачки ознаки.
Одбраната отвори прашање дали, со оглед на признанието за нелегален увоз, сведокот треба да сноси одговорност. Обвинителството, пак, посочи дека според нивната теза, клучниот фактор за големиот број жртви не била самата пиротехника, туку недостигот на соодветен излез за евакуација.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на ДНК. Во несреќата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. На обвинителна клупа се повеќе од 30 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност.




