Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа се закани дека ќе го удри Иран „многу посилно“ ако властите во Техеран одлучат да го блокираат снабдувањето со нафта во регионот.

„Нема да дозволам терористички режим да го држи светот како заложник и да се обиде да го спречи снабдувањето со нафта. Ако Иран направи нешто такво, ќе бидат погодени многу, многу посилно“, рече американскиот претседател на прес-конференција во Флорида. „Ако сакаат да ја играат таа игра, подобро да не го прават тоа“, додаде тој.

Трамп претходно ја опиша војната со Иран како „кратко патување“ и „мала екскурзија“ во говорот пред републиканските пратеници.

Тој, исто така, даде низа контрадикторни изјави за целите на израелско-американската офанзива, велејќи дека САД нема да „запрат сè додека непријателот не биде целосно и крајно поразен“.

Трамп додаде дека американските сили започнале напади врз иранските постројки за производство на беспилотни летала и се пред распоредот за уништување на иранските цели.

Операцијата во Иран е „многу пред нашиот првичен распоред“, нагласи тој.

„Блиску сме до завршување на турнејата“, рече американскиот претседател, додавајќи дека САД можат да ја прогласат својата воена кампања за успешна, иако операцијата продолжува.

„Војната ќе заврши кога Иран повеќе нема да има капацитет да развива оружје насочено кон САД, Израел или нашите сојузници за многу долго време“, нагласи Трамп.

фото: Архива