Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека најважно е локалните избори на 29 март (во 10 локални самоуправи) да бидат демократски, народот да одлучи „како сака, според својата совест“, но распишувањето вонредни парламентарни избори „ни најмалку да зависи од резултатите од локалните избори“.

„Надлежните институции ќе донесат одлука за распишување вонредни парламентарни избори, но грижејќи се за интересите на Србија, а не за своите посебни интереси, на која било партија, па дури ни на Српската напредна странка“, изјави Вучиќ за РТС, оставајќи ја можноста претседателските и парламентарните избори во 2027 година да бидат одвоени.

По локалните избори на 29 март ќе дознаеме кој ќе владее во десет општини, рече тој и додаде дека СНС „ќе победи во сите десет општини“. Вучиќ најави дека следната година, СНС ќе избере претседателски кандидат за изборите, кој ќе ја гарантира независноста на Србија.

Во изјавата за РТС тој додаде дека Србија би ја прифатила идејата за приклучување кон Европската Унија „во повеќе чекори“ и дека најважно за земјата е да нема граници, да се осигура безбедност и заеднички пазар.

Вучиќ најави за денеска средба со претставници на француската компанија EDF, со кои ќе разговара за нуклеарните централи во иднина, обука и образование на персонал, прогнозирајќи дека првата нуклеарна централа во Србија би можела да биде во функција во 2041 година.

Вучиќ за РТС изјави дека Хрватска била „главна логистичка поддршка за уништување на Србија“ во изминатата година и пол, од почетокот на протестите по падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.

На прашањето за изјавата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ дека ќе го предупреди НАТО за новото оружје што го има Србија, Вучиќ рече дека веќе една година „слуша приказни“ дека Хрватска има подобра и посилна армија од Србија, и дека во Загреб сега биле „изненадени“ кога виделе дека Србија има хиперсонични балистички ракети.

„Зборуваме за ракети воздух-земја. Тие можат да погодат цели на растојание до 200 и до 400 километри. Тие се ужасно скапи и ефикасни, а ние добивме мал попуст“, рече Вучиќ како одговор на коментарот дека Пакистан ѝ платил на Кина еден и пол милион евра по ракета.

Тој изјави дека Србија има фер и добри односи со НАТО и ќе продолжи да ги гради, но нема да се приклучи на западниот воен сојуз.

Претседателот на Србија изјави дека сè уште се плаши од „формирање на воен сојуз“ на Хрватска, Албанија и Косово, бидејќи сака неговото наследство да биде мир, а не војна и конфликт.

„Тие ќе чекаат моментот кога ќе избувне поголем конфликт меѓу Европејците и Русите, и уште поголем конфликт на Блискиот Исток. Не можеме да ги напаѓаме земјите од НАТО, ниту пак сакаме, но се сомневам во нивните намери – мислам дека тоа се нивните единствени намери, тие само чекаат поволен момент кога ќе има општ хаос во светот“, додаде тој.

Српскиот претседател изјави дека нема да има приватизација на стратешки важни компании како што е Електростопанство на Србија, но дека државата е заинтересирана за купување такви стратешки компании во околните земји. Тој најави дека на 20 или 21 март во Белград ќе се одржи голема промоција на програмата за развој на Србија до 2030-2035 година и ги покани сите граѓани да дојдат.