Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
Има една работа која остана недоречена од пред две недели, а кон која, за жал, од лични причини не можев да се осврнам кога и беше време – домашниот притвор со танчерки на Артан Груби.
Да бидам искрен, не ми беше јасно зошто обвинителот, не се сеќавам како му беше името, предложил куќен, а не затворски притвор. Врз основа на предлог на одбраната на Груби, кој предлог тој го прифатил. Предлог за домашен притвор за Груби? Се мајтапите нели? Како оној кој на сопругата и’ ја фрлил цедалката за шпагети, зашто била дупната на сите страни, а тој решил да је чести и да и купи нова. За 8 Март! Но, добро, обвинителот предложил што предложил, ама судијата е тој што одлучува, нели? Еве, ЗКП чисто, на разбирлив македонски јазик (ако е уште службен јазик, а мислам дека е, зар не?), пишува: „Притвор во претходна постапка определува судот…“
Значи освен ако зборот „определува“ во меѓувреме не добил друго значење во македонскиот јазик, тоа значи дека судијата на претходна постапка е тој кој определува притвор. Тој носи одлука. Не може да НЕ смее да донесе поинаква одлука. Тој диктира, дактилографката ја пишува одлуката и тој потоа се потпишува на таа одлука. Судијата одлучува! Затоа што така вели Законот, а ЗКП и КЗ се газди во судницата. Ниту судијата, ниту обвинителот. И крај на приказната. А ЗКП вели дека не одлучува одбраната, не одлучува обвинителот, одлучува-определува судијата. Крај!
Е, ама не можело така. Навистина? Така велат. Всушност, судијата требало да одлучи така како што предложил обвинителот, ми велат двајца поранешни судии, неколку адвокати (освен еден кој мисли како мене, ама на тоа остана) и да не набројувам понатаму. Значи, сега, доаѓаме до ситуацијата дека судијата одлучува/определува, ама така како што одлучил обвинителот. Така? Логично, нели?
А прашањето е зошто е тоа така? Ајде тогаш да видиме дали се во право тие кои ме убедуваа дека обвинителот е тој што одлучува, каква одлука ќе донесе судијата на претходна постапка.
Во одредбата на ЗКП која погоре ја цитирав, и во која се зборува за притворот во претходна постапка, има додаток. Па, да одиме збор по збор со тој додаток. Во кој се вели дека судијата на претходна постапка носи одлука за притвор „врз основа на писмен и образложен предлог“ од ЈО (добро, Законот вели овластен тужител, но во овој случај тоа е ЈО) и само врз „основите што ги навел овластениот тужител во предлогот“.
Ете ја целината на законската одредба, а не на праксата или толкувањата на моите пријатели кои ги консултирав:
-значи, што би рекла нашата Катица, под број еден – судијата е тој кој носи одлука за притвор;
-под два – за да донесе одлука треба да има предлог, писмен и образложен од ЈО, што во случајот имало (предлог зошто се бара притвор);
– и под три, само врз основите кои ги навел обвинителот, што подразбира врз кои факти и докази го засновал предлогот.
Во случајот со Груби, исполнети се сите елементи: има предлог, писмен и образложен и има основи кои ги навел обвинителот.
Но, Законот не вели, не определува кога ќе се определи затворски, а кога куќен притвор. Тоа го одлучува судијата. Тој носи одлука.
А, што велат нашите правници? Тие велат дека судијата е „врзан“ за тоа го предложил обвинителот, зашто немал увид во сите факти на слуајот! Чекај малку, па како тогаш воопшто ќе донесе одлука ако нема увид? На слепо? Како воопшто се работи во нашите судови? Не дај Боже електричарите така да работат, но ајде…
Другиот аргумент што го истакнуваат бранителите на куќниот притвор на Груби е дека судијата не може да донесе мерка затворски притвор ако е предложен куќен, зашто таква била некоја европска или не знам какава препорака. Но, тоа во ЗКП го нема. ЗКП вели дека судијата е тој кој носи одлука за притвор. Каков? Тоа е, по секакво толкување на одредбата, негова одлука. И кој беше излезот од таа ситуација за да го спасат Груби? Дека АНБ рекла дека Груби не е безбеден во затвор, што беше демантирано и од самата АНБ (се работело за поинаков вид проценка, а не за тоа дека не е безбеден во притвор), демантирано од самото МВР и демантирано од самиот директор на затворот, Бобан Утковски.
Така што, во случајот очигледно беше направена ујдурма и тука не помагаат никакви изговори бидејќи ниту еден изговор нема покритие. Посебно што во домашни услови, во куќен притвор, овој осомничен може без проблем да влијае врз сведоци и врз самата истрага, сеедно што ЗКП предвидува дека може да му биде ограничена електронската комуникација и сл. (а не веруваме дека такво нешто е сторено, ниту дека тоа може до крај да се исконтролира). Значи, јасно ви е дека тоа е неостварливо во наши услови. И дека од домашен притвор, Груби може да влијае врз истрагата, што е доволен основ за затворски, а не куќен притвор.
Но, знаете, во седумте години на Заев, создадовме систем за кој еден мудар човек, говерејќи за неговата земја (за Македонија веројатно не ни знае дека постои), вели: „Да бевме во Сахара пустината, овие ќе ја оставеа без песок. И него ќе го украдеа и уништеа“.
Е, до толку ни е девалвиран системот. Превртен наопаку, закопан во жива кал и оди сега извади го од таму. Но, што е уште пострашно – уништен е менталниот склоп на овој народ. Се може да помине. Се е можно. Па и Груби да отиде во домашен притвор, судијата кој ја донел одлуката да се сведе на обичен писар (додуше за тоа не биле виновни Заевци, туку измените на Законот од 2010 година), па не е ни јасно зошто воопшто дежура типот, кога ноќниот/дежурниот додаток може да го земе некој шалтерџија кој и онака работи за три-четириест илјади денари, наместо судијата-писар кој зема по 2000 евра. Е, сега, пресликајте го ова на секое поле во оваа држава и ќе го добиете резултатот.
Но, бадијала се овие редови. Само си создавам непријатели. Така што, заборавете и дека сум ги напишал. Но, само ќе напоменам дека фудбалџијата Груби, можеше и на слобода да биде пуштен. Не мораше воопшто ни куќниот да му биде определен. Во кој ќе седи две-три години додека трае процесот, потоа ќе добие токму толкава казна колку што отседел дома во притвор и ете го на слобода.
И, ние сме правеле реформи на правосудството? Судски совет? Совет на јавни обвинители? Да, па уште и Филков беше искаран дека не го знае законот и си се повлече човекот. По што заклучувате дека и најголемите реалисти во сликарството да ги донесеме, на пример Курбет или Мане (добро, овој последниов оди малку кон импресионизам), или барокните Караваџо, Рембрант, Рубенс, Веласкез… ма да донесеме кого сакате и да нацртаат луѓето за тоа кој носи одлука – џабе ќе биде. Ние, сепак, не сме на ниво на Крубет или Мане, туку ментално сме на ниво на оние кои со бои цртаа поточиња, каменчиња и коњи и како уметнички слики ги продаваа пред поранешната Стоковна куќа во Скопје и… тоа е тоа. Или, со други зборови, како што на луѓето воопшто им фалат уште неколку гени од типот П-53 за да не заболуваат од рак (имаме само еден таков ген кој не штити, ама очигледно не доволно, а слоновите имаат осум и не заболуваат од рак), така и нам во Македонија ни фали уште по некој хромозом за да почнеме да се креваме од ова ниво на кое сме сега. Ама што велат старите – здравје!
Друга работа е зошто обвинителот предложил куќен притвор прифаќајки го предлогот на бранителот на Груби. Ете една од задачите за новиот обвинител, од кого, граѓаните на оваа држава очекуваат многу. Ама, баш многу. Од бонусите на СЈО, забошотуваните случаи, предметите во фиока (80-тина според Мицкоски и Николоски), монтажната болница во Тетово со 14 изгорени и да не одам понатаму.
Инаку, утре е годишна од трагедијата во Кочани и би пишувал ферман за тоа. Но, од почит кон семејствата и кон жртвите – нема! Зашто меѓу нас има поган народ, зашто тоа е плодно тло за ботови, за злобници, за луѓе кои што и да кажеш ќе ти најдат некаква политика во тоа, ќе ти ги извртат зборовите… Така што, ќе молчам. И ќе го чекам резултатот. Како и резултатите од Ненад Савески.
Попат, ќе се осврнам и на едно од сведоштвата на судењето за случајот „Онкологија“. Не сум упатен во деталите случајот, не го следам концентрирано, мислев дека тој е за тоа дали на нашите пациенти, наместо лекови им се давал солен раствор, додека вистинските лекови се продавале на Косово, а сега гледам дека имало и други работи за кои не можам да зборувам, зашто не сум онколог.
Но, нешто друго ми привлече внимание – еден од вештаците, наведе дека обвинетиот Васев дневно прегледувал и по 50 пациенти! Молам? И некој во оваа држава се расправа дека мали им биле платите на судиите и обвинителите, додека немаме лекари, па еден мора да прегледува по 50 болни за 80-тина илјади? Па, болни ли сме во главите? Што ни е нам?
И при крај, за акцизите за бензините. Да се намалеле. За да било поефтино. Е, тој предлог не го бива. Зашто ако ги намалите акцизите, кога треба да враќате две милијарди долгови од порано, тоа значи помалку приход во буџетот, па некаде ќе мора да се скрати, за да може тие што го заговараат намалувањето на акцизите да се возат поефтино. Прашањето е каде да скратиме? На негата за туѓа помош која ја нема, а во Центарот за социјални работи треба да се наведнеш до земја на шалтер и да бидеш среќен ако не ти се развикаат што си се разболел, па ти треба туѓа нега. А туѓа нега не ти треба ако имаш „накриво мокрење“, туку кога си навистина сериозно болен. Сериозно, тиквари, сериозно болен!
Па, да, зошто да не се скрати кај Центарот кој беше обвинет од самиот министер Лимани дека не си ја зваршил работата кај жената која во Тафталиџе се самоуби со детето? Распуштете ги, пратете ги тие дома, на шалтер во Заводот за вработување и за тие пари намалeте го бензинот. Колку такви „центри“ за се и сешто кои не функционираат има во оваа држава?
Да застанам тука? Да, оти и овој пат претерав. Сакав и за Уставен, за самобендисаните владини службеници од не знам кое ниво кои мислат дека се блиску до Господ, ама, пак, ми вели една пријателка – се е убаво кога ќе напишеш, ама брате – читај, читај, не се дочитува. Па ете, добро, престанувам. И се извинувам што овие редови не беа забавни, саркастични, иронични, хумористични…. а во исто време топли за душата и сериозни, туку се само нервозни. Ама видов дека децава, да ми се живи и здрави, создале планина од чинии за миење, а сопругата отишла да ги фенира и „пегла“ ноктите и да ја маникира косата (или беше обратно, по ѓаволите, кој ќе ги погоди тие работи) и се разбира, сето тоа со мојата картичка, затоа што нејзината „заглавила“ некаде на Амазон, Тему или кој знае каде. И згора на се, не ми купила од мојот „МЕР балсам“ за садови, како што со остар и висок тон и наредив (зашто кај мене се знае кој е глава на куќата), зашто овој „сјајов“ ми ја суши кожата. А, децава, попатно, колку да тераат мајтап, ми го скриле диазепамот, па морам да си ставам една ракија (од онаа за масирање на нозе, колкови, стомак, гради и што ли уште не, која баба ми, Бог да ја прости, ја ставаше на марама со која го врзуваше челото и мислам дека по неа е измислена баба Риска на легендарната Радмила Савичевиќ од српската „Среќни луѓе“), ракија која, инаку, тие што ме познаваат знаат дека одамна не можам ни да ја помирисам, не пак да ја испијам. Ама, знаете како е – кога ќе тргне нешто наопаку, тргнато е.
Но, како и да е, се читаме следната недела. Можеби ќе бидам во подобро расположение, а не исцрпен, празен, бесен и нервозен намќор како денеска, па ќе ве насмеам. А, можеби и не. Ќе видиме. Ај, чао! Отидов да мијам чинии, да „симнам“ некоја флека од теписите со „ваниш“ и потоа да извадам некое евро од плочките во кујната и да тркнам до вилата на Халкидики. Некои копиљаци ми ја ичкртале јахтата, па да средам со браќата Грци! Патем, што бидна со судијата? Само тој судија, еден и единствен има плочки?




