Собранието, денеска, на 94. седница, го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Изборот на Савески го поддржаа 66 пратеници, против гласаа двајца, а осум беа воздржани.
Предлогот на Владата за избор на Савески за државен јавен обвинител пред пратениците го образложи вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
– На Македонија очајно ѝ се потребни правда и владеење на правото. Ѝ треба јасно отворање и процесирање на случаи што ќе значат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем – истакна Николоски на собраниската седница.
Тој нагласи дека Савески е професионалец, докажан во својата работа и, како што потенцира, без ниту една дамка во својата професионална кариера.

– За жал, оваа состојба во која се наоѓа обвинителско-правосудниот систем е состојба што не дава доверба кај граѓаните, состојба што ги тера многумина од граѓаните да не веруваат во системот, почесто да има неправда отколку правда, а и тогаш кога има правда, поради скепсата што постои меѓу граѓаните, тие да се прашуваат дали навистина се донела правилната одлука. Не случајно нема разговор, нема дебата и нема сериозни критики за обвинителско-правосудниот систем, како што не случајно и рејтингот на овие две институции е едвај 2 отсто. Тоа ќе биде сериозна задача за новиот јавен обвинител што го предлагаме, тоа е магистер Ненад Савески, човек кој е долго во обвинителско-правосудниот систем, со сериозен стаж и искуство, човек кој бил обвинител, судија и сега повторно ќе ја има шансата да биде прв меѓу обвинителите – нагласи Николоски.
Додаде дека се работи за човек кој е еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство, кој што зад себе нема дамки.
– Имаме човек кој е мотивиран и кој ќе биде првиот што треба да испорача правда во Македонија – нагласи Николоски пред пратениците.
На изборот претходеше расправа во која пратениците од власта и опозицијата разменија критики за тоа кој е одговорен за ниската доверба во правосудниот систем, кој прави обид за партизирање на судиите и обвинителите, се споменуваа последиците од работата на СЈО, „сваровски-судството“, се споменуваа имињата на поранешните премиери Зоран Заев, Никола Груевски…
Пратениците од власта ги потенцираа богатата биографија и работното искуство на Савески во правосудниот систем, што исто така беше признаено од пратениците од опозицијата, кои забележуваа дека квалитетот е неоспорен, но го критикуваа системот што сака да го воспостави власта, кој, според нив, ќе го партизира Обвинителството.
Скендер Реџепи од Европскиот фронт се осврна на историјатот на Обвинителството наведувајќи дека Обвинителството делело селективна правда во однос на случаи што се однесуваат на албански граѓани.
– Обвинителството е селективно во делењето правда кон Албанците, работите се движеле во таа насока, има многу случаи во кои Албанците се соочувале со селективна правда, а сите јавни обвинители биле поддржани и од албанските претставници и ниеден од нив не бил внимателен и вршеле селективна правда во сите инстанции… Неправдата кон граѓаните не старее и не се заборава, треба да остане врежана и да посведочи дека одредена институција сите овие години правела неправда кон одредена категорија граѓани – рече Реџепи.

Тој спомена повеќе случаи за кои оцени дека се вршела селективна правда, а особено ги потенцира „Алфа“, „Монструм“, но и случајот со пожарот во Кочани, за кој рече дека поранешниот обвинител направил селективна правда.
Реџепи нагласи дека новиот обвинител треба да биде обвинител на сите граѓани и додаде дека нема да гласа ниту „за“, ниту „против“, туку ќе остане воздржан, со што, како што појасни, ќе му даде шанса на новиот обвинител да се докаже дека ќе работи во вистинска насока.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, изборот на Савески го оцени како последна шанса за обвинителскиот систем да излезе од кризата и да се смени впечатокот дека правдата е селективна, бавна и идеолошки обоена. Тој нагласи дека Савески доаѓа на оваа позиција во време на сериозни забелешки за работата на оваа институција и додаде дека очекувањата веднаш да се смени сè ќе бидат голем товар на неговите плеќи.

– Ако денеска ја добиете довербата, вашата обврска нема да биде само да ја преземете фунцијата, туку и да го заштитите интегритетот на институцијата, да покажете дека Обвинителството не е ничија марионета, дека предметите не се отвораат по нечија нарачка, туку по силни индиции и докази, да не се злоупотребува притворот… – рече Јаулески и додаде дека, пред сè, негова обврска ќе биде институционално да расчисти со последиците од поранешното СЈО.

Малиша Станковиќ од СПМ истакна дека ќе го поддржат Савески за нов јавен обвинител и нагласи дека тоа што новиот обвинител треба да го направи е да го расчисти сопствениот двор, како и да се зафати со справување со високиот криминал, со олигархијата во државата.
Јованка Тренчевска од СДСМ истакна дека би било неискрено да не се признае големото искуство во биографијата на Ненад Савески, дека станува збор за личност што години поминала во правосудниот систем, кој ги познава процедурите, кој учествувал во сложени предмети, но додаде дека прашањето што денеска треба да се постави не е само кој е кандидатот, туку во каков систем се поставува.
– Најголемата опасност не лежи во биографијата, туку во намерата на власта обвинителот да го претвори во продолжена рака на политиката – рече Тренчевска и се осврна на новиот закон за Јавното обвинителство, со кој, според неа, се воспоставува обид за партиска контрола врз институцијата и се остава простор за политичко влијание.

Ѝ реплицира вицепремиерот Николоски, кој рече дека доколку сакале партизација и политизација на Обвинителството, државниот обвинител ќе бил сменет веднаш по доаѓањето на власт.
– Ако сакавме да правиме партиска контрола, веднаш ќе го сменевме претходниот обвинител, кој доби една и пол година и ставаше случаи во фиока, не решаваше предмети и не постапуваше и ги штитеше вашите пријатели и раководството на СДСМ – рече Николоски и додаде дека немаат право да зборуваат за партизација бидејќи во времето на нивната власт 3.000 лица поврзани со ВМРО-ДПМНЕ се ставени под прогон, а спомена и дека со судска одлука имале намера ВМРО-ДПМНЕ да ја прогласат за терористичка организација и да ѝ забранат политичко дејствување.
Пратеникот од ДУИ, Илир Хасани, рече дека Савески има богато професионално искуство и е лице за кое не може да се каже лош збор, но напомена дека од него ќе имаат големи очекувања.

– Јас очекувам тој да дејствува активно, особено во третирање на случаите во кои беше тргната јавноста, рече тој, при што повторно ги спомена случајот со Алмир, „Алфа“, модуларната болница во Тетово, но и пожарот во Кочани.
Пратеничката Моника Зајкова од ЛПД истакна дека изборот на јавниот обвинител не е само кадровско решение, што повторно ќе се избере на ист начин, а ќе се очекуваат резултати.
– Не е јасно зошто го избираме обвинителот, па го менуваме законот, наместо да се избере обвинител по новиот закон. Ова е избор што значи тест за државата и најмногу тест за тоа дали, конечно, ќе имаме вистинска правда или ќе се продолжи со селективна правда – рече Зајкова.

– Ненад Савески има обврска да докаже дека нема да биде дел само од владејачкиот систем и ќе му се обратам лично, Вашето професионално „си-ви“ ветува многу, искуството, знаењето на системот, досегашната работа ни даваат очекување дека може да ја извршувате функцијата сериозно. Одговорноста што ја носите е преголема, денес не е важно само да сте добар правник, денес треба да се има храброст да се оттурне политиката од Обвинителството – порача Зајкова.
Пратеникот Бобан Карапејовски од ЗНАМ рече дека немал намера да се пријави за збор бидејќи сметал дека биографијата за Савески говори сама за себе, но текот на дискусијата го поттикнала на тоа.

– Јавниот обвнител треба да има беспрекорна кариера и биографија, тоа го имаме, треба да има интегритет и една човечка димензија, која е отаде правото, и сметам дека овој кандидат ги поседува сите три и затоа ќе го поддржиме – нагласи тој.
Савески, кој моментно е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка, во која учествуваа петмина кандидати.
Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески, наведено е дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД.
Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.
Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.
Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации.
Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.
Фото: Принтскрин




