Срцевите заболувања доминираат во структурата на смртни случаи во Албанија многу повеќе отколку во земјите од Европската Унија.
-Споредбените податоци од албанскиот Институт за статистика (ИНСТАТ) и Евростат, покажуваат дека 52.9% од смртните случаи во Албанија се поврзани со болести на срцето и крвните садови, додека во Европската Унија оваа категорија сочинува 32.8% од вкупните смртни случаи. Разликата е значајна и покажува дека Албанците ги губат животите од срцеви заболувања со стапка речиси двојно поголема од европскиот просек, објавија медиумите во Тирана.
Во Европа, покрај срцевите заболувања, туморите исто така имаат голем удел во смртните случаи, – 23.9% од смртните случаи, додека во Албанија – 15.3% од вкупниот број. Респираторните заболувања исто така имаат значително поголем удел во ЕУ, со 7.8% од смртните случаи, додека во Албанија тие учествуваат само со 2%.
Големи разлики се појавуваат и во другите категории на болести.
Дигестивните заболувања сочинуваат 4.4% од смртните случаи во ЕУ, додека во Албанија само 0.8%. Психичките болести сочинуваат 4.3% од смртните случаи во Европа, во споредба со 0.5% во Албанија, додека болестите на нервниот систем сочинуваат 4.3% во ЕУ и само 1.5% во земјата.
-Слично на тоа, ендокрините и нутритивните болести сочинуваат 3.5% од смртните случаи во Европската Унија, додека во Албанија само 0.9%. За периодот јануари-август 2025 година, 7543 пациенти биле лекувани на кардиолошките одделенија, во споредба со 6419 пациенти претходната година, што претставува зголемување од 17.5%, наведуваат медиумите.
Проблемите со менталното здравје исто така се зголемија. Во истиот период, 1.129 пациенти биле лекувани во психијатриски болници, или 36% повеќе отколку претходната година. Здравствените експерти го припишуваат овој тренд на комбинација од фактори на животниот стил. Загадувањето на воздухот, недостатокот на физичка активност, нездравата исхрана и секојдневниот стрес се сметаат меѓу главните причини што ги зголемуваат срцевите и невролошките симптоми кај населението.
Според Евростат, 56.5% од Албанците над 16 години се со прекумерна тежина, рангирајќи се во зоната на ризик. Албанките се чини дека се многу повнимателни од мажите. Според Евростат, 62.3% од албанските мажи над 16 години се со прекумерна тежина, меѓу највисоките во Европа. Половина од албанските жени (50.9%) се со прекумерна тежина, според податоците на Евростат.
Фото: Архива




