Целосно ќе биде затворен стратешкиот Ормуски теснец ако американскиот претседател Трамп ги исполни своите закани за напад врз иранските енергетски објекти, објави денеска Корпусот на иранската Исламска револуционерна гарда, пренесоа западните медиуми.
Трамп вчера се закани дека ќе ги „уништи“ иранските електрани ако Техеран не го отвори целосно Ормускиот теснец во рок од 48 часа, што претставува значително ескалирање на тензиите само еден ден откако американскиот претседател зборуваше за „постепен крај“ на војната, што трае веќе четири недели.
Во своето денешно соопштение, иранската гарда додаде дека компаниите во кои се вклучени американски интереси ќе бидат „целосно уништени“ ако иранските енергетски објекти бидат нападнати од Вашингтон, и дека енергетските објекти во земјите каде што се наоѓаат американски бази ќе бидат „легитимни“ цели. (МИА)




