Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија внимателно ја следи ситуацијата на Блиски Исток.

– Многу внимателно следиме што ќе се случи следно. Засега можеме да констатираме дека ситуацијата се развива според најлошото можно сценарио, посочи Песков.

Тој истакна дека Москва алармирала дека „секое насилно решение на проблемот во овој регион“ ќе донесе „многу сериозни последици, не само на регионално, туку и на глобално ниво“.

– Она што го гледаме сега. Да се надеваме дека борбите ќе престанат што е можно поскоро и дека ситуацијата ќе се врати на мирен тек. А потоа, веројатно, тоа ќе биде прашање за земјите од регионот, кои ќе одат по свој пат за да ја осигурат сопствената безбедност, наведе Песков.

Според него, секоја акција што придонесува за воспоставување мир на Блискиот Исток заслужува целосна поддршка.

– Искрено се надеваме дека се точни информациите оти во тек се преговори, бидејќи секоја акција што може на кој било начин да придонесе за воспоставување мир заслужува целосна поддршка, посочи Песков.

МИА