Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски „веднаш да им наложи на своите агенти да се вратат во нивната земја“.

Во својата објава на „Фејсбук“, Орбан го повика и Зеленски да „ја почитува волјата на унгарскиот народ“, објави МТИ.

Тој истакна дека Унгарија наводно станала „зона за украински разузнавачки операции“ пред претстојните избори во земјата тврдејќи дека украинските агенти се активни во унгарската политика и партии, вклучително и партијата Тиса.

Унгарскиот премиер додаде дека странските оперативци „имале цел формирање проукраинска влада“, која би ја поддржала војната, би го ограничила пристапот до евтина руска енергија и би ги пренасочила унгарските пари кон Украина.

Тој нагласи дека унгарските власти постојано работат на спречување странско мешање во изборниот процес и дека прават сè за да обезбедат граѓаните да може да гласаат „без странска манипулација“.