Министерот за здравство, Азир Алиу се обрати на отворањето на четвртата балканска школа на педијатрите – настан кој претставува вистинска платформа за знаење, соработка и професионален развој, велат од Министерството за здравство.
-Педијатријата, како една од најхуманите и најодговорни гранки на медицината, има клучна улога во градењето здрави генерации. Грижата за најмладите не е само медицинска обврска, туку и општествена одговорност од највисок приоритет. Токму затоа, Министерството за здравство континуирано вложува напори во унапредување на педијатриската здравствена заштита, истакнал министерот Алиу во обраќањето на балканската штола на педијатрите.
Во таа насока, додал тој дека се фокусирани на унапредување на условите во педијатриските оддели, модернизација преку набавка на нова медицинска опрема, како и јакнење на човечките ресурси.
-Свесни сме дека без стручен и мотивиран кадар, нема одржлив здравствен систем. Како дел од овие заложби, преку програмата за специјализации и супспецијализации, во изминатиот период преземаме конкретни чекори за надополнување на кадарот. Изминатата година се одобрени 17 специјализации по педијатрија за јавните здравствени установи, а дополнително се преземени и вработени 15 приватни специјализанти, од кои дел се ангажирани на Универзитетската клиника за педијатрија. Со тоа директно придонесуваме кон намалување на дефицитот и зајакнување на системот, потенцирал министерот Алиу во обраќањето.
Тој посочил дека оваа школа е од исклучително значење бидејќи овозможува размена на искуства и знаења меѓу домашни и меѓународни експерти, а присуството на еминентни предавачи од земјава и од светски рамки дава дополнителна вредност и потврдува дека сме дел од современите текови во медицината.




