Најмалку 15 лица загинаа, а 10 се повредени во воздушен напад врз цели во иранскиот град Ком, соопштија локалните власти, пренесува ДПА.

Заменик-гувернерот на провинцијата Ком, Мортеза Хејдари, за државната агенција ИСНА изјави дека спасувачките екипи сè уште трагаат по лица затрупани под урнатините во населбата Пардисан и предупреди дека бројот на жртвите може да се зголеми. Агенцијата „Фарс“, блиска до Иранската револуционерна гарда, го опиша нападот како заедничка акција на САД и Израел. Засега нема официјални детали за конкретните цели, а нападот не е потврден од независни извори, посочува ДПА.

Градот Ком е значаен верски центар во Иран и едно од најважните шиитски места за поклонение во светот. Регионот има и стратешко значење поради присуството на индустриски и нуклеарни капацитети.

Претходно, израелската војска соопшти дека извршила нови ноќни напади врз цели во Иран, насочени кон објекти за производство на балистички ракети, складишта и лансирни позиции. Напади беа пријавени на повеќе локации, вклучително и во главниот град Техеран. Израелската армија наведе дека операциите имаат цел да ги ограничат иранските напади врз Израел.

Во текот на ноќта во Израел повторно се активираа сирените за воздушна опасност во повеќе делови од земјата, вклучително и во Тел Авив, поради ракетен оган од Иран. Засега нема извештаи за жртви. Израелските медиуми јавуваат дека фокусот на операциите неодамна се префрлил од политичкото раководство на Иран кон воената инфраструктура, што според некои аналитичари може да укажува на очекувања дека американскиот претседател Доналд Трамп наскоро би можел да најави прекин на огнот.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги обвини САД и Израел за напади врз цивилна инфраструктура, обраќајќи се преку видеоврска на итна седница на Советот за човекови права на ОН во Женева. Тој потсети на нападот врз училиште за девојчиња во кој загинаа околу 170 лица, главно деца, додека САД соопштија дека случајот се истражува.

– Моделот на таргетирање на агресорите, придружен со нивната реторика, остава малку сомнеж за јасна намера за геноцид – изјави Арагчи.

Според иранските податоци, од почетокот на војната загинале повеќе од 1.900 цивили, а десетици илјади се повредени, соопшти високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк. Тој предупреди дека конфликтот на Блискиот Исток се проширува на „опасни нивоа“ и ги повика сите страни да ги заштитат цивилите во согласност со меѓународното хуманитарно право.

САД и Израел започнаа голема офанзива против Иран кон крајот на февруари, по што конфликтот се прошири во поширокиот регион. Техеран возврати со напади врз Израел и врз земји од Персискиот Залив кои се сојузници на Вашингтон.

фото: Архива