Со активностите на Министерството за внатрешни работи и реакциите на граѓаните веќе покажавме дека претстојните избори ќе бидат едни од најчесните во нашата понова историја, изјави преодниот премиер на Бугарија, Андреј Ѓуров, во интервју за телевизијата „Нова“.
Ѓуров истакна дека кабинетот вложува максимални напори за обезбедување фер изборен процес, нагласувајќи дека високиот одѕив би значел успех за државата. Според него, иако преодната влада не може да ги реши сите напластени проблеми, таа може да создаде услови граѓаните со својот глас да ја насочат земјата во нов правец. Тој откри дека бројот на дојави пристигнати до МВР во врска со изборниот процес е зголемен за повеќе од десет пати.
Ѓуров, како што пренесува БТА, порача дека нападите врз кабинетот само потврдуваат дека „маските паднале“ кај оние кои сакаат да ја задржат контролата врз институциите, додавајќи дека една од главните цели на оваа влада е воспоставување нов стандард на управување.
Парламентарните избори се закажани за 19 април 2026 година. Ова ќе бидат седмите предвремени избори во земјата од 2021 година, како резултат на политичката криза што ја погодува Бугарија.




