Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД ја гледаат „завршната фаза“ од војната со Иран, како и дека по конфликтот ќе треба да ги преиспитаат односите со НАТО.
„Ја гледаме завршната фаза. Нема да биде денеска, нема да биде утре, но е наскоро“, изјави Рубио во интервју за американската телевизија „Фокс њуз“.
Војната започна на 28 февруари, со американско-израелски напади врз Иран, на што Техеран возврати со напади врз Израел и држави на Заливот во кои има американски воени бази.
Рубио посочи дека меѓу Иран и САД се разменуваат пораки и оти постои можност за непосредна комуникација меѓу двете страни.
„Постојат пораки, има разговори. Постои потенцијал за директна средба во одреден момент“, изјави тој.
Рубио додаде дека Вашингтон ќе треба да ги преиспита односите со НАТО по завршувањето на конфликтот.
„На крајот тоа е одлука на претседателот. Но мислам дека, за жал, ќе треба да преиспитаме дали овој сојуз, кој добро и служеше на нашата земја одреден период, се уште ја исполнува својата цел или се претворил во еднонасочна улица, во која Америка е ставена во позиција да ја брани Европа, а кога ни е потребна помошта на сојузниците, тие ни одбиваат пристап до бази и нивниот воздушен простор“, изјави Рубио.




