Состојбата со цените на лебот и пецивата е под контрола и тие не се покачени во 99 отсто во државата, а претставниците и членовите на Коморите од мелничко пекарската индустрија одлучија цените на лебот и пецивата да не се покачуваат, односно, да останат на исто ниво и во следниот период, до крајот на април, при што состојбите континуирано ќе се следат и ќе се анализираат.

Ова беше заклучено на денешниот работен состанок во Министерството за економија на Групациите од мелничко пекарската индустрија на коморите и нивните членови – Стопанската комора, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, со заменик министерот Марјан Ристески и со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски.

-Министерството за економија и Владата, се заложија заеднички да се следи состојбата и, во случај на влошување на ситуацијата со цените на нафтата и нафтените енергенси, заедно со мелничката индустрија да изнајдат заеднички решенија како би се релативизирала опасноста во оваа индустрија од зголемување на цените. Исто така, мелничко пекарска индустрија до сите медиуми и политички чинители во Македонија замолува да не се користи оваа сложена ситуација со цените на лебот и пецивата за создавање паника и несигурност кај граѓаните, затоа што со тоа се наштетува и на граѓаните и на компаниите, се вели во соопштенија од Стопанската комора и Сојузот на стопански комори. (МИА)