Православните христијани денеска го одбележуваат големиот празник Цветници.

Цветници е денот кога Исус Христос заедно со своите ученици  влегол во Ерусалим. Тогаш народот го дочекал Исус со цвеќе, а овој настан традиционално секоја година се прославува една недела пред Велигден.

Според традицијата луѓето на овој ден се собираат во радост, но без веселба, и иако е пост, допуштено е да се јаде риба. Обичај е во некои краишта спроти празникот жените да одат на ливада да наберат цвеќе, па да го стават во вода да преноќи, а наутро домашните се мијат со оваа вода.

Требало да се побрза бидејќи преданието говори дека оној кој прв ќе набере цвет, една желба ќе му се исполни. Се верува дека е добро да се стави врбово гранче за брз напредок, некаде ставаат дрен за здравје, а девојките ставаат и темјанушки.

Цветници се празнува ден по Лазарева сабота – чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос, шестата недела од Великиот пост, една недела пред Велигден. Се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, градот во кој по неколку дена ќе биде погубен. Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар.

На тој ден, Исус Христос, придружуван од своите ученици и мноштво народ, тргнал од Витинија за Ерусалим. Кога стигнал Исус до подножјето на маслиновата гора испратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат Осле (магаре). Учениците му донеле, ги ставиле на магарето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим, поздравен од мноштво народ. Според толкувачите на Светото писмо, Исус влегол во Ерусалим качен на магаре затоа што кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исус, воодушевениот народ со цвеќе, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.

Во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, празникот Цветници е востановен уште од најрани христијански времиња, а свечено се одбележува од 3 век.

Фото: архива