Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба во канцеларијата на Chevron Corporation во Вашингтон, посветена на унапредување на енергетската соработка и обезбедување стабилно и диверзифицирано снабдување со нафта и течен природен гас (LNG).

Разговорите, како што информираат од Кабинетот на Божиновска, биле фокусирани на клучни теми за енергетската иднина на државата, вклучително и диверзификацијата на снабдувањето со нафта и течен природен гас, можностите за влез и поголемо присуство на американски нафтени компании на македонскиот пазар, зајакнувањето на стабилноста и конкуренцијата, како и унапредувањето на енергетската безбедност. Дополнително, беа разгледани и потенцијалите за понатамошен развој на енергетскиот сектор преку нови инвестиции и партнерства.

Божиновска, истакнала дека Македонија е отворена за нови партнерства кои ќе донесат сигурност во снабдувањето и ќе создадат поконкурентен пазар.

Средбата со „Chevron“ претставува значаен чекор во позиционирањето на земјата како сериозен партнер во регионалната и глобалната енергетска мрежа, со јасен фокус на долгорочна стабилност и стратешка диверзификација.

На состанокот, како што информираат од Министерството, покрај присутните во Вашингтон, онлајн се вклучиле и водечки претставници на компанијата, од различни делови на светот, вклучително и од Пекинг и Мадрид, што, како што велат, ја потврдува сериозноста и глобалната тежина што „Chevron“ ја дава на потенцијалната соработка со Северна Македонија.

Од страна на Шеврон, на состанокот учествувале Брајан Еснер, генерален менаџер за LNG Origination, кој зад себе има повеќе од 25 години искуство во глобални енергетски проекти, како и Лем Смит, потпретседател за меѓународни владини односи и Стив Кеил, сениор менаџер за меѓународни владини односи.

На состанокот министерката Сања Божиновска, ја придружуваа Горан Николовски, раководител на секторот за гас, и Недим Рама, директор на НОМАГАС кој се дел од македонската делегација во Вашингтон.