Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на 14 јуни, по повод неговиот 80-ти роденден, на теренот на Белата куќа ќе се одржи борба во организација на „Ултимејт фајтинг чемпионшип“ (УФЦ).

Трамп, кој е познат љубител на УФЦ, веста ја објави на својата социјална платформа „Трут соушал“ (Truth Social). Годинава се одбележуваат 250 години од независноста на САД, а првично било планирано борбата да се одржи на 4 јули – Денот на независноста.

Трамп вчера присуствуваше на настан на УФЦ во Мајами, заедно со членови на своето семејство и со државниот секретар Марко Рубио, во моментот кога потпретседателот Џеј Ди Венс од преговорите во Пакистан соопшти дека не е постигнат договор меѓу САД и Иран.

УФЦ е најголемата професионална лига за мешани боречки вештини (ММА), спорт што комбинира техники од бокс, кик-бокс и борење. За разлика од професионалното борење (кечери), овие борби не се режирани.

Главните борби на 14 јуни, ден кој се одбележува и како Ден на знамето на САД, ќе бидат меѓу Илија Топурија и Џастин Гејџи за титулата во лесна категорија, како и меѓу Алекс Переира и Сирил Ган за привремената титула во тешка категорија.