Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
Теолози, научници, обични верници, па и тие кои не се, сметаат дека приказната за Исус е приказна за смртта, за воскресението и за гревовите на луѓето. Други велат дека тоа е приказна за вечниот живот. Затоа Исус не водел социјална револуција.
Затоа не зборувал против ропството. Зашто сеедно е каков статус ќе имаш во овој живот, ако си чесен и правдољубив, тогаш ќе добиеш рајска вечност.
Зошто тогаш таа приказна требало да ни се долови на таков брутален начин? Тешко е да се објасни.
Но, приказната за Исус има и друга димензија. Тоа е приказна за воскресението, за вечниот живот, за простувањето на гревовите, но и за нешто што го забораваме – предавството меѓу луѓето. Сакале ние да го признаеме тоа или не, луѓето, добро, не сите, ама огромно мнозинство, и тоа лесно емпириски се докажува, по дефиниција се предавници. Тој ги лекувал, воскреснувал, истерувал од нив демони, слепи прогледувале, лепрозни станувале чисти, парализирани проодувале, опседнати со лоши сили се ослободувале, а тие сепак на крајот викале: „Распни го!“
Едноставно, го предале. И не е битно дека тоа биле Евреите, што им донело многу зло во наредните 20 века, како што не е битно и што Римјаните биле тие кои го убиле. И едните и другите се всушност луѓе. Можеле да бидат Елини, Македонци, Самарјани, сеедно, предавниците се луѓе. Тој ги сакал луѓето, а тие го предале.
Го предале и неговите најблиски ученици. „Карпата“ Петар три пати се откажал од него во четвртокот вечерта, за Јуда и да не зборуваме. Старогрчката верзија на тој настан зборува за Петровото откажување од него пред петелот три пати да пропее, а арамејската верзија на истиот настан вели дека всушност станува збор за клисарот во црквата и за тоа дека Петар ќе се откаже од Исус пред тој три пати да удри со црковното ѕвоно (во храмовите не смееле да бидат чувани животни, па не можело да стане збор за петел), но сеедно за овие редови, Петар е тој што се откажал, Петар и другите се разбегале.
Приказната е дека всушност луѓето се со вас кога ним им е добро од тоа, но си заминуваат кога ќе дојде неволјата. Тогаш се разбегуваат. Тогаш доаѓаат ножеви в грб од оние на кои сте им ги миеле нозете како на Тајната вечера, од оние на кои сте им го подариле мирот и животот. Тогаш, кога Исус го распнуваат, е тогаш и апостолите, сите освен Јован кој според сопственото сведоштво останува со мајка му на ,,Голгота” пред крстот, се разбегуваат, плашејќи се за себе. Тој им го подарува животот, тие бегаат плашејќи се за нивните, во тој момент бедни животи.
И тоа предавство го прогонува светот. Не нивното, туку предавството како дел од човекот. Всушност, светот е една долга непрекината историја на предавства. И не мора да одите кој знае колку далеку. Погледнете го нашето, македонско минато. Најславниот дел од таа наша историја е всушност историја на предавства. Гоце загинува од предавници, Јане, Ѓорче, загинуваат од рака на луѓе од Организацијата, значи од „своите“, Даме е предаден на Османлиите во Русиново, Сарафов е убиен од Паница, Кузман Јосифовски–Питу, вториот Гоце Делчев е убиен од Бугарите, но предаден од „нашите“, Ченто, Шатев, Брашнаров – сите тие својот земски живот го завршуваат всушност со познатите зборови на Ченто: „Верував во се, но не и дека некогаш нашите ќе ме судат!“
Впрочем, кога веќе зборуваме за нашата историја, погледајте ги и случувувањата од независноста до денес. Што беа приватизацијата, ТАТ, поразот во војната со ОНА (македонската УЧК), наредите четири години на Бранко кога стигнавме до невработеност од 38 отсто (каква што немало ни во Големата депресија од 1929-1933 г.), Шарената револуција, криминалот во владите од постоењето на независна Македонија, судењето на Кацарска за 27 април, случајот со мерцедесот кој муртинецот потоа го користеше… може вака до утре да се набројува, но сето тоа е една долга низа на брутални предавства на македонскиот народ, на секој обичен смртник – Албанец, Ром, Србин и сите други во оваа држава. Што беше сето тоа, ако не едно стравично, монструозно предавство на сопствениот народ. Јуда, клониран во многу наши „тајни вечери“.
И не сме само ние! Што е Хитлер (баталете ги тие теории за слободната волја што Бог им ја дарил на луѓето, па тие одлучуваат дали ќе бидат добри или зли и ќе станат одоговорни за ужасната смрт на 60-тина милиони луѓе за само шест години), што е Првата светска војна, што е стогодишната војна меѓу Англичаните и Французите, што е инквизицијата, што е… ако не предавство кон човештвото?
А тоа што го бара Исус е всушност обратното. И тоа „обратното“ е исклучок во овој свет. Како Клеопатра која го испива отровот (кобрата донесена во корпа се смета дека е симбол) кога го губи својот Марк Антониј и кога сфаќа дека Октавијан ќе ја однесе во Рим како триумф, понижувајќи го Египет, неа лично, но со тоа и нејзиниот мртов Антониј. Не се предавници она момче Србин (Бошко Бркиќ) и девојка му муслиманка (Адмира Исмиќ) кои на 18 мај 1993 г. умираат на мостот во Сараево зашто не сакаат да се разделат. Бошко е убиен, Адмира е ранета, но таа, наместо да се обиде да отползи кон крајот на мостот каде снајперистот не ја гледа и да се спасии, се припива до него, го прегрнува и умира. Не е предавник Исус кога ја спасува жената која му ја фрлаат пред нозе заради прељуба и го прашуваат дали ќе ја каменува (замка – ако ја каменува, тој не е милостив, ако не ја каменува – го крши законот на Мојсеј – замка за која тој наоѓа прекрасно, луцидно и мудро решение поради што многумина, па дури и тие кои сметаат дека таа приказна е подоцна уфрлена кај Јован, а ја нема во најстарите верзии на Евангелието, ја сметаат за најубава, безмалку волшебна сторија во Библијата). Но, битно е – Исус не се откажува од неа, дури и кога грешела, дури и кога наизглед нема друг излез… тој едноставно не ја предава. И приказната се свртува. Одеднаш грешници се оние кои неа ја фрлаат пред нозете на Исус, а не таа. Одеднаш тие се предавници на законите, а не Исус и жената. А, за тоа, беа потребни само неколкуте зборови на Исус – „тој кој не грешел, прв нека го фрли каменот“! Толку!
Но, тоа се исклучоци. Тоа се примери, на кои Исус сака да не научи. Но, и по 2000 години од неговата смрт и воскресение, ние таа негова лекција не можеме да ја совладаме. Бевме бедни и мизерни души, тоа и остануваме.
И се сеќавам на една репортажа што ја правевме во „Дневник“. Отиде Бранко Ѓорѓевски во Филипи, местото каде што апостол Павле прв пат стапнал на тлото на Европа и ја основал црквата. Ја знаете сигурно приказната за Лидија (за која ние сме единствен народ кој има создадено опера). И Бранче стигнува таму, разговара со кустосот – Грк, не ја чепкаат темата Грција – Македонија, но затоа Гркот му вели: „Господине, еден светец стапна на нашата територија и ние веднаш го затворивме“.
Знаете дека по пристигнувањето таму, Павле три дена е затворен, тепан, па ослободен дури откако се повикал на тоа дека е римски граѓанин. Така што, што би рекле „скопјанчишчана“, а богами и „о’риѓаните“ – „тоа е тоа“, односно „то е то“! Предавство? Ха, како „добро утро“!
Е, сега, кога сме кај воскресението, кај Исус и целата таа тема, има и други одговори со кои и понатаму би го замолил да не подучи, ама за тоа друг пат. Денеска е еден од најубавите празници, тука се евангелијата, молитвеното правило на св. Серафим Саровски и последно што сакам е да „мудрувам“ за нешто друго.
И затоа, нека ни е среќен и честит Велигден и нека ни донесе здравје, мир и спокој! И помалку Јуди и помалку предавства.




