Бугарската етнократија сериозно се закотвува на меѓународната мапа на држави кои ги дискриминираат малцинствата, откако уште едно меѓународно тело се вклучи во гонење на бугарскиот апартхејд, пишува во својата анализа Курир.
Комитетот за човекови права на Обединетите нации е последен во редот кој побара официјална Софија да ја преиспита одлуката со која е одбиена регистрација на македонска организација и да му исплати оштета на етнички Македонец. Комитетот на светската организација заклучил дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на подносителот на жалбата. Според наодите, бугарските судови практично ја продолжиле праксата да делуваат дискриминирачки, согласно официјалната бугарска политика, и без да понудат јасно и валидно правно образложение го одбиле барањето за регистрација.
Комитетот сега бара Софија да ги преиспита домашните судски одлуки, да обезбеди соодветна компензација за подносителот на жалбата и во рок од 180 дена да достави извештај за преземените мерки.
Ако порано барањата на македонските здруженија беа одбивани главно со образложение за закана по бугарската национална безбедност, сегашните образложенија не поминуваат во демократскиот свет.
Во конкретниот случај, подносителот побарал регистрација на невладина организација „Комитет за заштита на човековите права – Толеранција“, врз основа на националниот закон за непрофитни правни лица. Иако ги доставил сите потребни документи и дополнителни информации, судот ја одбил регистрацијата, цитирајќи само одредени законски одредби без детално образложение. Одлуката подоцна била потврдена и од апелацискиот суд.
А, такви случаи ќе се редат и во иднина, оти не се само за еден Македонец од Бугарија и на едно барање на здружување на Македонците од Бугарија.
Во најмала рака, ќе се редат по примерот на сите 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права од Стразбур донесени во корист на Македонци од Бугарија кои никогаш не се поколебале за својот македонски идентитет и никогаш не престанале да ја бараат правдата и правата во рамките на бугарската диктатура кон малцинствата, посебно македонското.
Затоа навистина изгледа дегутантно, кога Софија ќе му стави црн печат на човекот кој упорно ја победува во Стразбур, бранејќи го правото на Македонците од Бугарија. Тони Менкиноски можеби нема да може да влезе во Бугарија 10 години затоа што е нивни адвокат, но сигурно ќе придонесе и натаму да се разоткрива бугарската фингирана демократија низ светот.
И, да!
Навистина звучи смешно претпоставената причина дека Менконоски ја загрозил националната безбедност на Бугарија, како членка на НАТО. Замислете, адвокатот кој доаѓа од Македонија, членка на НАТО ја загрозил Бугарија исто така членка на НАТО и затоа добил црн печат!?
Во секој случај неговото ,,казнување‘‘ нема да помине така, поради интересот на странските адвокатски куќи кои поворно ќе ја стават Софија на ,,страницата на срамот‘‘ да се поти и да објаснува зошто Македонци не можат да се организираат, зошто Македонци добиваат црни печати, зошто Македонци не смеат да бидат Македонци во вториот квартал од 21. век!?
Прашањето сигурно ќе стигне и до Хјуман Рајтс Воч и до Амнести Интернешнл, но и до Советот на Европа, кој предничи со опомени и барања до Бугарија да ги исполни пресудите на Стразбур. Комитетот на министри на ова тело веќе е на крај на трпението, па се очекува по пробивањето и на последниот рок даден на Софија, декември 2025-та година, да преземе сериозни акции против лажната демократија.
Имено, во мај годинава, Комитетот на министри, 46 членки на Советот на Европа ќе расправаат за непочитувањето или неимплементирањето на одлуката на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија. Какви санкции може да се очекуваат ќе покаже состанокот, но една од често спомнуваните е и исклучување од Советот на Европа.
Сепак, ако тоа не продолжи со силна акција на поголемите членки на Европската Унија и на самиот Брисел, Бугарија ќе продолжи да плука по работата сите меѓународни судски инстанци и сите меѓународни тела за заштита на човековите и малцинските права. Ќе продолжи да му се потсмева и на правото и на малцинските права, но до еден момент. А, како тргнала работата моментот се ближи.
Одлуките на Комитетот за човекови права на Обединетите нации и на Советот на министри на Советот на Европа ќе бидат на масата на новата бугарска влада, со стари политички играчи и негатори на се што е македонско. Ако Брисел смета дека е време и Бугарија да се демократизира, тогаш тоа ќе биде на почетокот на мандатот на новата бугарска влада. Ако таа е стабилна притисокот ќе расте. Ако и натаму се однесува како ,,привремена‘‘ никој нема да се ангажира сериозно.
П.С. Каков апсурд на Софија. Се исплашија од еден Македонец адвокат (Менкиноски), од еден историчар (Стојков) и од како што милува да тврди десетина ,,задрти‘‘ Бугари кои сакаат да се претставуваат Македонци со свои здруженија, а тврди дека 200.000 кои земале бугарски пасош признале дека имаат бугарски корени. Трагедија у…
Извор: Курир




