Истражувачи од американскиот Институт „Шмид“ неодамна открија 100 потенцијално нови морски видови, како и неколку големи нови подводни планини и возвишенија, во длабокото море кај брегот на оваа јужноамериканска земја.

Фотографиите и видеата од подморскиот пејзаж, исто така, покажуваат многу други новитети од длабокото море, вклучувајќи тука и сложени сунѓери, спирални корали, бисерен јастог, бизарна група издолжени морски ежови, како и светлоцрвената „морска жаба“ со перки налик раце.

Меѓу 8 јануари и 11 февруари, истражувачите и истражувачкиот брод на Институтот го истражуваа морското дно. Научната експедиција, насловена „Подводните планини на југоисточниот Пацифик“ се сосредоточи на подморските планини во три главни области – гребените Наска и Салас, и Гомез – синџири составени од повеќе од 200 морски возвишенија коишто заедно се протегаат на 2.900 километри – од Чиле до Велигденскиот Остров, како и морските паркови Хуан Фернандез и Наска-Десвентурадас.

Вкупно, истражувачите мапираа околу 52.800 квадратни километри од океанот, а овие нови, многу подробни мапи открија четири претходно непознати, „осамени“ морски планини, се вели. Најголемата од нив, којашто тимот ја нарече Солито (на шпански: „сам“ – во деминутив) – се издига 3.530 метри над морското дно, што го прави четирипати повисок од највисоката зграда во светот – „Бурџ Калифа, висока 828 метри.

Истражувачкиот тим, исто така, користеше подводен робот за да ги истражи потопените падини на десет морски планини низ целата област на проучување.

– Далеку ги надминавме нашите надежи за оваа експедиција!, рече Хавиер Селанес, морски биолог на Универзитетот на Северот во Чиле и водечки научник на експедицијата, истакнувајќи дека секогаш очекувате да пронајдете нови видови во овие оддалечени и слабо истражени области. – Но, количината што ја пронајдовме овојпат е неверојатна!, додаде тој.

Истражувачите, според „Лајв сајенс“, зеле примероци од новопронајдените суштества и сега ќе почнат да го проучуваат секое од нив за да утврдат дали станува збор за новооткриен вид.

– Целосната идентификација на видот може да потрае и многу години, рече Јотика Вирмани, извршен директор на експедицијата.

Истражувачите забележуваат дека повеќето видови живеат во ранливи живеалишта, како што се коралите во ладни води и градините со сунѓери, коишто се многу подложни на оштетување од човековото влијание. Новите видови во парковите Хуан Фернандез и Наска-Десвентурадас се законски заштитени од овие закани. Сепак, подморските планини по гребените Наска и Салас, и Гомез се незаштитени. Истражувачите се, просто, воодушевени од количината на биодиверзитет забележан во експедицијата. Ова истражувачко патување е последното во низата експедиции на Институтот за мапирање на подморските планини во југоисточниот Тихи Океан последниве години. Истиот Институт претходно мапираше уште четири огромни подморски планини крај брегот на Чиле и Перу, како и уште еден изолиран врв, лани, кај брегот на Гватемала.