Анастас Коцарев е роден во Охрид на 26 март 1890 година во старото познато и угледно охридско семејство Коцаревци. Основно образование завршил во родниот град, гимназија во Солун и Битола, а во Женева дипломирал на Медицинскиот факултет. Во Швајцарија останал да работи како асистент, лекар и приватен доцент по онкологија на Универзитетската клиника во Женева. Кратко во 1927 бил професор по Експериментална патологија на Американскиот колеџ по медицина во Истанбул, Турција, а во 1928 се преселил во Франција, каде што ја запознал својата свршеница Сесил Пинел. Во 1931 година на Медицинскиот факултет во Париз го одбранил својот втор докторат.

Со својата научна работа д-р Коцарев му се посветил на дијагностицирањето и лекувањето на ракот со примена на радиум. Ова истражување ќе го насочи кон блиска соработка со познатата нобеловка Марија Склодовска-Кири, која во тоа време била професорка и директорка на лабораторијата за радиум при Универзитетот „Сорбона“. Тој бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и е првиот научник во светот што направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак.

д-р Анастас Коцарев (седи долу лево) со своите братучеди во Охрид

Има издадено голем број публикации за својата истражувачка работа и од областа на радиотерапијата. Соработувал со голем број истакнати научници од тоа време и често бил застапен во тогашниот печат во Европа и преку Атлантикот. Неговите истражувања и експериментални третмани се цитираат и денес, а неговите современици со право му предвидувале блескава кариера во медицината.

Покрај неговата професионална преокупација – медицината, д-р Анастас Коцарев, во текот на Првата светска војна и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија“. Уште во 1915 година го обновил Академското друштво „Македонија“, кое претставувало продолжение на Академското друштво на македонско-одринските студенти во Женева, формирано по Илинденското востание (1904 – 1915). За време на Првата светска војна 15-ина Македонци студирале на Универзитетот во Женева.

Членови на друштвото биле: Анастас Коцарев, Петар Здравев, Димитар Несторов, Трифун Греков, Благој Тошанов, Александар Копандонов, Александар Крајчев и други. Тие усвоиле и правилник, кој им овозможил да го регистрираат друштвото кај надлежните власти.

Плод на сè тоа било и едно поголемо организациско тело со име Главен совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil général des Sociétés Macédoniennes en Suisse) со седиште во Лозана, на кое д-р Коцарев, пред сѐ, бил избран за потпретседател, а потоа бил и претседател.

Во 1919 година, на Версајската мировна конференција во Париз, д-р Коцарев во име на Главниот совет поднесол барање да испрати тричлена делегација, која би ги застапувала интересите на македонскиот народ. Неговото барање било одбиено од преговарачите на Конференцијата.

Година претходно, во ноември 1918 година, т.е. во пресрет на Версајската конференција, се појавува активна мобилизација на македонските интелектуалци во Швајцарија, па четирите постојни македонски здруженија – Академско здружение „Македонија“, Политичко здружение „Независна Македонија“ (и двете од Женева), Политичко здружение „Македонија за заштита на македонските права“ (Лозана) и Политичко здружение „Македонија на Македонците“ (Цирих), на својата пленарна седница  на 15 декември 1918 го основале единственото тело Главен совет на македонските друштва во Швајцарија. Овој Совет имал задача да ги обедини целите што ги имале поставено пред себе друштвата уште при своето основање, односно при актуализирањето на македонското прашање пред меѓународната јавност и на Версајската мировна конференција.

Советот остварил контакти со низа познати активисти во Европа, кои го поддржувале стремежот на македонскиот народ за своја држава и национална независност по што испратил барање за учество на тричлена делегација, која би ги застапувала интересите на македонскиот народ. Ова барање било одбиено од главните фактори на Конференцијата. Најважната врска на Советот со американската мисија при Версајската мировна конференција бил истакнатиот американски пацифист проф. Џорџ Д. Херон, кој бил почесен член на Главниот совет на македонските друштва и застанал зад Македонците во битката за нивната независност.

Во натамошните дописи до Версајската мировна конференција, Главниот совет на македонските друштва во Швајцарија инсистирал на 14-те Вилсонови точки, во кои, пред сѐ, се нагласувало правото на самоопределување на секој народ – вклучително и на македонскиот. Од сите упатени писмени акти, најголемо значење има апелот, кој бил испратен до целиот цивилизиран свет во јуни 1919 година, потпишан од претседателот д-р Анастас Коцарев, како и од претседателството и од почесните членови на Главниот совет. Во повикот е нагласено дека Македонците имаат право на живот и уште еднаш ја нагласуваат волјата на македонскиот народ за создавање независна македонска држава.

Бидејќи Македонија и натаму останала поделена, а целта за македонска држава не била остварена, Главниот совет на македонските друштва во Швајцарија се самораспуштил на 27 декември 1919 година.

Под неразјаснети околности д-р Коцарев починал на 28 март 1931 во хотелот во кој живеел во Париз. Го напуштил ненадејно овој свет на 42 години, а неговата смрт, се вели, до денес е мистерија и за семејството.

Неговото почивалиште се наоѓа на старите општински гробишта во општина Бонди, во семејната гробница на почитуваното семејство на неговата свршеница Пинел-Гало.

МИА