Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добриндт изјави дека војната во Иран досега не довела до зголемена миграција кон Европа, јави ДПА.

„Во моментов не гледаме зголемен миграциски притисок“, изјави Добриндт за весникот „Рајнише пост“ во интервју што е објавено денеска.

Министерот рече дека властите внимателно ги следат миграциските движења во Иран и Либан.

„Во моментов гледаме високо ниво на внатрешна миграција во двете земји, но сè уште не откриваме притисок на турската граница. Тоа би бил првиот индикатор за понатамошно миграциско движење кон Европа“, рече Добриндт, пренесен од германската агенција.

Тој додаде дека сепак се подготвуваат мерки на претпазливост на европско ниво.

Добриндт, исто така, ја остави отворена можноста за продолжување на внатрешните гранични контроли по септември.

„Прашањето за продолжување на граничните контроли не зависи исклучиво од ситуацијата во Германија“, рече министерот.

Реформата на Заедничкиот европски систем за азил (CEAS) треба да стапи на сила низ цела Европа на 12 јуни.

„CEAS мора да биде функционален, а меѓународната ситуација и нејзините можни ефекти исто така играат голема улога“, рече Добриндт.

Добриндт рече дека наредните недели ќе покажат како ќе се развива ситуацијата, особено на Блискиот Исток, и какви миграциски движења можат да следат, пренесе ДПА.

ФОТО: Викимедија комонс