Во последниот ден пред изборите, бугарските медиуми речиси целосно ја напуштаат класичната кампањска динамика. Наместо вести за митинзи и пораки од партии, доминираат анализи, интервјуа, сценарија и постизборни калкулации.

Весниците денеска помалку се фокусираат на нови пораки, а повеќе на тоа како изгледа политичката слика во завршницата.

Типичен пресек на насловите денеска изгледа вака: „Кој, колку и на кого даде пари за изборите“, „Како ќе живееме по изборите“, „Аналитичарите испраќаат во парламентот шест партии“…

Весникот „Труд“ ги објави податоците на пет агенции за изборите на 19 април. Според последното проучување на Центарот за анализи и маркетинг, спроведено од 3 до 14 април, како што пишува во текстот, шест партии имаат реална шанса да влезат во парламентот. Се додава дека се очекува околу три милиони гласачи да го искористат своето избирачко право.

Најтиражниот весник „Телеграф“ објавува текст за подготовката на машините за гласање, за што новинари и претставници на партиите во текот на вчерашниот ден, со дозвола на Централната изборна комисија, беа во посета на магацинот каде што се сместени. „Низ целосна проверка ќе поминат 100 отсто од машините. За таа цел експертите работат во три смени. Транспортот кон СИК ќе почне во петок навечер, прво кон поодалечените градови и со обезбедување од МВР“, се наведува во текстот.

Во отсуство на нови политички настани, медиумите ја пренасочуваат содржината кон сумирање на кампањата. Дел од медиумите објавуваат интервјуа, мислења и анализи, кои претежно се однесуваат на тоа кои партии би можеле да коалицираат, што ако нема стабилно мнозинство и колку е реално формирање влада. Овие текстови често се базираат на последни анкети, но се претставуваат како политички сценарија, не како кампањски пораки.

Последниот ден е и ден за експертите. Наместо политичари, во преден план се политиколози, социолози  и аналитичари кои во интервјуа за телевизиите или онлајн порталите, како и весниците, објаснуваат што може да се очекува за време и по изборите.

Социолозите Димитар Ганев, Борјана Димитрова, Добромир Живков и Прван Симеонов, како што објавува весникот „24 часа“, под наслов „Нервоза за секој глас во недела, нејасен кабинет потоа“, даваат свои видувања. Тие очекуваат 900.000 гласачи повеќе во споредба со изборите во 2024 година.

Според Ганев, половина милион гласачи се уште одлучуваат за кого ќе гласаат. Димитрова смета дека дел од младите ќе стигнат до гласачките места, но веројатно нема да го променат гласањето, како во Унгарија. Живков, пак, вели дека овие избори се со многу јасна консолидација околу веќе јасен победник, кој не само што има одредена разлика во однос на вториот и третиот кандидат, туку е значително посилно поддржан од бугарското општество. Социологот Симеонов вели дека најважно е да се одговори на прашањето каква ќе биде политичката ангажираност на новата партија.

Весникот „24 часа“ ги објавува и завршните интервјуа со лидерите на политичките партии: Асен Василев на „Продолжуваме со промената“, Бојко Борисов на ГЕРБ, Крум Зарков на БСП, Костадин Костадинов, лидер на „Преродба“, Божидар Божанов од „Демократска Бугарија“ и Тихомир Атанасов од „Трети март“. Овде изостанува интервјуто со лидерот на „Прогресивна Бугарија“ Румен Радев, кој е со најголема предност, според анкетите.

Овие разговори често се претставени како неутрални, но доминираат теми како стабилност на системот, ризик од нови избори и улогата на неопределените гласачи.

Социјалните мрежи како продолжение на кампањата

Иако официјалната кампања завршува, онлајн просторот останува активен. Дел од медиумите пренесуваат што се споделува на Фејсбук и ТикТок – од последни видеа на партии до реакции на јавни личности.

Тивок крај на кампањата, гласен почеток на очекувањата

Медиумската сцена, иако нема нови политички пораки, ја сумира целата предизборна трка: кои теми доминираа, кои партии добија повеќе гласови на анкетите и што може да се очекува.

Од утре вниманието се префрла од медиумите кон гласачите и кон тоа дали анкетите навистина ќе се совпаднат со резултатите.

МИА