Во дијаспората живеат 2,2 милиони албански државјани, од нив над 1,1 милион  се мажи, а над еден милион се жени, се наведува во извештајот „Дијаспора на Албанија“ на Институтот за статистика (ИНСТАТ) посветен на бројот на албански граѓани што живеат во странство.

Најголем број албански иселеници има во Италија и Грција, по што следат Германија, Франција и Велика Британија.

– Ова се одразува и во процесите на интеграција, вклучително и дозволите за престој и добивање државјанство. Во извештајот се истакнува и албанската заедница што живее во САД, која се проценува на околу 206.000, објавија медиумите.

Според податоците на ИНСТАТ, околу половина од дозволите за престој во европските земји се доделуваат за семејно обединување, проследено со причини за вработување, а потоа и за студирање.

 

– Процените на дијаспората покажуваат дека таа вклучува релативно младо население, а главниот дел ја опфаќа возрасната група од 15 до 64 години со околу 77отсто, по што следува возрасната група  до 14 години. Албанските граѓани над 65 години кои живеат во дијаспората се само пет проценти од вкупниот број. Ова укажува на дијаспора со млад профил, економски активна и со висок потенцијал да придонесе на пазарите на трудот во земјите домаќини, оценува ИНСТАТ.

Според податоците од последниот попис, спроведен во 2023 година, Албанија има 2.402.113 жители, што споредено со  пописот спроведен во 2011 година бројот на популацијата е помал за 409.864 жители. Во 2001 година попишани биле 3.069.275 жители.

Опозицијата не ги призна последните пописнит резултати, наведувајќи дека земјата нема повеќе од 1,4 милиони жители.

Фото: архива