Спротивно на партискиот став дека граѓаните на референдум мора да одлучат дали ќе се рестартира рудникот за антимон во близина на селото Луке, градоначалникот на Крива Паланка нема ништо против оваа инвестиција. Напротив, смета дека е добра за градот и најави дека сите дилеми околу можните последици за животната средина и здравјето на населението, ќе бидат ставени на маса со инвеститорот, анализира Телма.
Премиерот, пак, денеска изјави дека лично ќе гарантира дека рудникот за антимон нема да ја загрози животната средина.
Мицкоски рече и дека, правото секој да побара референдум е уставно загарантирано и не е спорно, но мора да бидат исполнети услови за негово свикување.
Референдум на локално ниво може да распише советот на општината, по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината.
Социјалдемократите, кои побараа референдум, ќе почекаат со собирање на потписи.
-Концесија за истражување и експлоатација на антимон во реонот на селото Луке има австралиската компанија за рударство на критични и скапоцени метали „Пела Глобал“ (Pela Global), чиј основач и извршен директор е Ник Јовановски, по потекло од Македонија. Тие потпишаа договор за финансиска поддршка во износ од 5 милиони долари со институцијата за финансирање на развој на американската влада (DFC). Антимонот кој ќе се ископува во Македонија, ќе се продава во САД, објави Телма.
Рудникот Крстов Дол беше затворен во 1981 година, поради тогашните ниски цени на оваа руда.




