Ќе се ограничат маржата на вештачките ѓубрива и растот на цените на ѓубривата на домашниот пазар. Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за 10 отсто ќе се намали продажната цена на залихите ѓубрива кои продавачите ги набавиле по стари цени.
Овие одлуки ги донела Владата на денешната седница, а ќе важат до 31 мај годинава.
Дополнително, информира Трипуновски, се воведува и обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива – трговците на мало се должни месечно да обезбедуваат и продаваат најмалку 70 отсто од просечните количини набавени во 2026 година, додека тргвоците на големо да ги снабдуваат трговците на мало со најмалку 70 отсто од просечно продадените количини.
Според министерот, Државнот пазарен инспекторат констатирал раст на цените и варирање на маржите кои зависно од компанијата се движеле од 15 – 60 отсто, а во некои случаи, кај специјални, органски ѓубрива, имало раст на маржата и до 70 проценти што е, рече, недозволиво.
-За да се спречи растот на цените и да се помогне на земјоделците и домашното земјоделско производство, денеска Владата донесе Одлука со која се ограничува маржата на цената на вештачките ѓубрива. Првата одлука се однесува на сите правни и физички лица регистрирани за производство и трговија на големо и мало, кои прибавуваат и продаваат неоргански, органски и органоминерални ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својството на почвата. Највисоката бруто профитна маржа на неорганските ѓубрива со оваа одлука кај сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува во вкупен износ до 5 отсто во трговијата на големо и мало, а за органските и органоминералните ѓубрива, како и биостимулаторите, до 10 отсто во трговијата на големо и мало. Со втората одлука се ограничува растот на цените на ѓубривата на домашниот пазар, односно се корегира продажната цена за 10% намалување на залихите кои што ги имаат продавачите набавено по старите набавни цени, објасни Трипуновски.
Одлуките се донесени врз претходна консултација и разговор со регистрираните увозници на вештачки ѓубрива, но и по претходно направена анализа од страна на Државниот пазарен инспекторат.
-Целта е да се стабилизира пазарот, да се намалат трошоците и да се заштити домашното производство. Ако треба, во иднина ќе се преземат и дополнителни мерки во интерс на граѓаните и економијата, подвлече министерот.




