Бранка Д. НАЈДОВСКА
Киро Донев роден е на 21 март 1942 година во селото Моноспитово (Струмичко) и е еден од најважните и најпопуларни автори за деца во современата македонска литература. Неговиот живот и творештво се неразделни од развојот на детската и младинската книжевност во Македонија во вториот и третиот екс-југословенски период. Донев е пример за тоа како строгата професионална посветеност, широката култура и умешност за инвентивно обликување на детската и младата фантастика можат да создадат дела со траен впечаток, кои формираат иден пристоен вокабулар и негување на македонскиот јазик.
Донев завршил Учителска школа во Штип и Филозофски факултет во Скопје. По една година како учител во родното место, од 1965 година целиот работен век го поминал во редакцијата на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Професионалната кариера го изгради како новинар, потоа како уредник на неделникот за деца и млади „Наш свет“ и на литературното списание „Развигор“. Преземајќи различни улоги во медиумскиот и литературниот свет, Донев ја задржа посветеноста кон креирањето за децата, но и кон развојот на детската литература во поширока смисла.
Тој е автор на околу педесетина дела за деца, млади и возрасни. Неговиот творечки опус опфаќа романи, раскази, песни, ТВ и радиодрами, текстови за сликовници, сценарија за ТВ серијали и антологии. Тој често пишува и во поетска прозна форма.
Донев ги соочува читателите со светот на детството на лесен, дружељубив, но и критички начин. Комбинција на реалното и фантастичното, вистината и лагата, јавето и соновите. Во неговите дела верно се вплеткуваат елементи на монотоното секојдневие со инвентивно волшебство. Неговите раскази и проза често носат и хумористично-сатиричен тон, без да ја изгубат поучноста.
Добитник е на најзначајните признанија во македонски и екс-југословенски контекст: наградите „Ванчо Николески“, „Гоцева повелба“ на Гоцеви денови, „Мала вила“ на 21-от Меѓународен детски фестивал „Везени мост“ во Тузла… Неговиот творечки опус е преведен на десеттина јазици, меѓу кои и на турски, српско-хрватски, бугарски, унгарски, украински, албански јазик…

Се сеќавате ли кога решивте дека ќе пишувате токму за деца?
– Одговорот на прашањето малку ќе го „одолговлечам“, оти, чинам не јас, ами друг одлучи да го стори тоа. Кога бев петтооделенец во основното училиште во селото Муртино, оддалечено неколку километри од моето родно Моноспитово, еден ден, нашиот учител по мајчин јазик – Атанас Младеновски, од Крива Паланка, ни даде писмена работа на тема: „Еден ден на гости кај баба ми на село.“ Не знам за другите мои соученици, ама мене насловот на задачата, малку ме збуни. Како ние, демек сме градски деца, па некој од нас отишол на гости кај баба му и тоа – на село?! Ама, немаше што друго да се стори. Задачата беше за писмена оценка. Па, како и сите други и јас ја завршив работата.
Утредента учителот, оставајќи го купчето со прегледаните задачи, видно расположен, плесна со рацете и …
– Ајде – рече – нека излезе тој што мисли дека напишал најмногу, а потоа ќе си ги видите и оценките!
Настана џагор во одделението. Секој на сет глас се фалеше колку страници напишал, само јас стутулен молчев како змија да ме каснала.
– Не, нее – се замеша учителот – јас само видов и знам кој е. Ајде, нека излезе Кирче. Овојпат – тој е „шампионот“!
– Ааа! – свикаа разочарано сите во еден глас. А, јас, како фатен во кражба на туѓи круши, излегов ја прочитав писмената:
– Вчера отидов на гости кај баба ми на село, ама, таа не беше дома…
И, само толку. Ни збор повеќе. А во одделението избувна бура од џагор и гласно смеење. По таа моја (за сите мои другари), „невкусна шега“ очекував да си ја добијам заслужената казна од учителот, ама тој се уште видно расположен како и кога влезе во одделението, само рече:
– Тишина деца! Јас убаво се изнасмеав кога го прочитам ова, ама овојпат ќе ја поштедам прачката и Кирчето нема да го казниме, зошто чинам дека еден ден од него ќе биде „свирче“!
И, навистина бидна… Втората писмена задача ни беше на темата „Првиот снег“. Тогаш, место проза, мене ми се роди некаква идеја да напишам песничка. На учителот, се чини, му се допаднала, па, ама кога ни ги врати прегледаните задачи, ниту мене, ниту во одделението ни го кажа тоа. Без никој да знае, ја испратил во редакцијата на списанието „Титов пионер“ што го добивавме еднаш во месецот и го користевме како задолжителна литература за време на часот по мајчин јазик. За моја среќа и голема радост, а чинам дека и учителот беше многу горд кога ни го делеше тој број на списанието, во кое меѓу другите песнички и раскасчиња од други деца, беше објавена и таа моја црта прва песна.
– Ете, деца, гледате ли и помните што ви реков? – рече горд, како тој да ја напишал песничката. – И од нашиот Кирче бидна свирче. Ајде, сите да му честитаме, а после ова – од него ќе зависи – колку долго и како ќе умее да „свири“!
И, ете, така беше… Си продолжив. Не смеев да ги изневерам ниту мојот учител, ниту моите другари – сведоците на моите први стапки по патеките на детството…
Дали некогаш сте напишале приказна или вистински настан од вашето детство?
– Велат дека детството е пролетта во животот на секој човек. Детството е исполнето со разни настани, коишто како сеќавање и спомени си ги носи до крајот на животот. Дури и под бели коси во секој човек тие настани по патеките на детството остануваат – незавеани. Моето детство и момчештво претежно ми минаа во моето родно село. Беше сиромашно, но весело, безгрижно. Без тие забрани и опасности што ги имаат многу деца и во селата и по градовите. Чинам, не само јас, ами и многу автори кои потекнуваат од село, во своите дела ги пресликуваме тие настани, детството од руралната средина. Тие од градовите, пак го сликаат животот на градското, на урбаното детство. Речиси половината од моето творештво е инспирирано од настаните и вистинските доживувања од моето детство. Мислам, не само писателите, ами секој човек без спомени – како и да не се родил…

Колку е тешко денес да се задржи вниманието на младите читатели, во време на мобилни телефони и интернет?
– Јас никогаш немам таков проблем со моите читатели на средбите со нив, бидејќи половина век се трудам преку тие средби и со тоа што го создавам за нив, да ја добијам нивната доверба. Да ги пленам нивните срца и нивниот ум и да ги направам мои вистински пријатели, проникнувајќи во нивните желби. На тие средби, преку игрите со нив, моите песни, раскази и приказни, на некој начин, ги создавам заедно со нив, гледајќи на светот и на се што се случува околу нас – со нивните очи. Знаете, многумина од писателите за возрасни, мислат дека децата поради своето искуство, не се во состојба да го одделат убавото од лошото, фалшот од вистинската уметност наменета за нив, па се обидуваат да пишуваат и за деца. Мислад дека пишувањето за деца е многу полесно од она за возрасните. Но, не е така. Да се пишува за деца и возрасни е исто, ама кога се однесува до тоа што се пишува за деца многу е потешко, поодговорно. Децата, според моето досегашно изкуство, се најправичните и најискрените критичари. И делото и авторот го примаат со целото свое срце, или ги одбиваат!
Во вашите дела доминира хуморот. Дали е тоа рецептот што сте толку омилен и читан од децата?
– Може да биде и тоа една од причините, ама не и единствената. Често се случува, некои од авторите за деца при средбите со нив, ама и преку своите дела, за да се здобијат со потребниот „авторитет на паметни чичковци“ им се обраќаат од некоја „нужна височина“. Им солат ум со своите песни, или раскази со некакви морални поуки. Ги советуваат што треба, а што не треба да прават во животот. Што е добро, а што лошо, што е црно, а што бело и т.н. Но, место тоа, со таквиот однос, тие остануваат и без тој авторитет што им прилега со годините… Јас се школував да бидам учител кај малку поинакви професори и поинакво време, во некогашната штипска Учителска „Сорбона“ (како што си ја нарекувавме) и знам дека многу од децата не сакаат да учат лекции и надвор од училиштето, па таквите автори и нивните дела, едноставно ги отфрлаат како премногу „паметни и поучни“. За разлика од нив, јас не одам по нивниот пат. Добро ја имам научено дидактиката и знам дека – „секоја манџа, не сака мирудија“!
Затоа, место да ги растажувам децата (за тоа ќе имаат време кога ќе пораснат), со она што го пишувам за нив – песни, раскази, приказни, драмски текстови… да биде „скокотливо“, да ги развеселува, да им го прави детството среќно и безгрижно. Се трудам тоа да не биде обична конструкција или некоја намерно одбрана случка или настан. Да биде лесно сфатливо за нив, едноставно да личи на оние книги, какви што сум сакал јас да ги читам кога сум бил на нивна возраст!

Денес има хиперпродукција на секакви книги. Дали, колку и како во овој метеж се издвојува литературата за деца?
– Да, се чини дека дојдовме до тој степен да имаме повеќе писатели отколку читатели. И за деца и за возрасни. Каков ќе си замислиш – таков ќе си сретнеш. По гавран да мавнеш – „славеј“ ќе ти запее. Ај, за она што им е наменето за возрасните читатели, би можеле некако и да „замижиме“. Возрасниот читател може и сам да си одлучи и да процени што е по негов вкус, а што не. Ама тоа што им се нуди на децата, уште од раната училишна возраст, па се до погорните одделенија, чинам, не ги задоволува ниту естетските, ниту педагошките критериуми. Се укинаа, речиси сите списанија за деца кои долго време беа вистински филтер и школа каде се создаваа авторите за деца. Имаше некаков систем на вреднување. Со критичари и критика и за пред и за после излегувањето на секоја книга. Сега секој што има пари, може да си плати и критичар и издавач или печатар да му ја објави…
Иако сте најчитаниот автор за помладата возраст на деца, во 2018 година не бевте на списокот на автори кои се во задолжителната лектира. Претпоставувате ли зошто?
– И не само јас, ама и некои многу подобри од таа област од мене не беа. Но, за тоа пак, една моја книга за таа воизраст, заедно со „Зоки Поки“, на Оливера Николова, дваесет години едно по друго беа на тој список. Но, тоа мене не ми значи ништо. Списоците на лектирни четива, членувањето во Друштвото на писателите, не го прави авторот – писател.
А, зошто се повлековте од Друштвото на писателите на Македонија? Велат дека имало и „зависни“ и „независни“ писатели. И така Друштвото е „пренатрупано“?
– Секој интелектуалец и кога е на позиција, за доброто на народот, треба да биде – опозиција. Писателот пак, треба да биде уште поодговорен. Тој со своето перо треба да биде – совеста на времето во коешто живее. Но, кај нас не е така. Навистина, Друштвото ни е „пренатрупано“. Има и „зависни“ и „независни“, ама на секој добар писател кај нас, доаѓаат по десеттина: писатели – падари, писатели – роднини, писатели – суфлери, писатели – чантоносци, писатели – чевлочистачи, писатели – такаџии, писатели – ТВ љубители, писатели – спринтери, кажимидатикажам, писатели – збородарители, писатели – наградособирачи. Останатите се група за којашто се уште не сме чуле.
Ги спомнавте „наградособирачите“. Што лично за вас претставуваат книжевните награди? Признание, одговорност или поттик за ново творештво?
– За разлика од оние кои што „скокаат“ со своето перо од жанр во жанр во книжевноста, за да ја добијат секоја награда што не ја добиле, а со намера да ја збогатат својата „колекција“, за мене најголема награда е – бројот на читатели што ги имам. Нивното пријателство и доверба во мене, зошто мојата единствена „партија“ се тие и мојава Македонија. Инаку, и јас имам добиено неколку и наши книжевни, но и меѓународни награди и признанија, заради коишто чувствувам се поголема одговорност кон она што го сознавам. Од досегашните 56 објавени дела за деца и млади, десеттина се преведени. Инаку, воопшто не би сакал да бидам на списокот со некои од тие што ги добија и некои од нашите национални награди. Кои особено во последните неколку години, ептен ги девалвираа. На тоа поле, чинам, настапија лоши времиња за културата.
А со кој писател би сакале, кога би имале прилика, да се замените?
-Со Марк Твен. Така би биле само ние двајцата.

Која книга и денес ве тера да се чувствувате како дете?
– „Том Соер“, „Прости ми канаринке“, „Белото Циганче“, некоја книга од Џани Родари, Ангел Каралијчев и Андерсен, „Скаските на Мето од петто“…
Имате книги и со патриотска содржина. Последната ви е „Јуначки приказни“ (2025-та). Колку ве преокупираат националните теми?
– Да… Јас сум се обидел да пишувам во повеќе жанрови. Не е мое да судам колку сум успеал во тоа. Тоа нека го кажат децата, а и книжевната критика. Тоа е нивна задача, која за жал, веќе повеќе од две децении е „глувонема“, кога станува збор за литературата за деца. Но, сите што го следат моето творешнтво, можат да заклучат дека јас имам три основни пункта во творештвото. Прво и најважно е детството и детето, како основен извор на вдахновение. Потоа, природата, за која секогаш се чувствувам како сраснат дел со неа и историјата! Она, подалечната но и новата, која за мене секогаш била извор на многу собитија, настани и личности. И последната книга, моите „Јуначки приказни“ е на таа тема. Инспирирана е од ликот и делото на пет наши славни војводи од времето пред и по Илинденското востание: Гоце Делчев, Питу Гули, Јордан Пиперката, Христо Узунов и Пере Тошев. Посветена им е не само ним, ами и на сите други наши знајни и незнајни херои, коишто ги положија своите животи пред олтарот на Македонија, барајќи само малку сонце, мир и среќа, а место тоа, некои од нив не добија – ниту запалена свеќа. Нивната саможртва за слободата на Македонија, во тоа време ја потресе цела тогашна Европа.
Како писател за деца, како ја замислувате Европа после сто години?
– Како Атлантида пред илјадници години…
А, нашава татковина?
– Мислам, доста беше… На тоа прашање ќе ви одговорам друг пат, ама – во присуство на адвокат!
Фото: приватна архива




