Северноирската милитантна група Нова ИРА соопшти дека ќе ги нападне полицајците во нивните домови откако ја презеде одговорноста за автомобил-бомба што експлодираше пред полициска станица во Белфаст за време на викендот, објавија локалните медиуми.

Во експлозијата нема повредени, а напаѓачите наводно киднапирале возило за достава и го принудиле возачот да го вози до станицата.

Групата соопшти дека планирала да нападне полицајци што го напуштале објектот. Во соопштението, за кое „Ајриш њуз“ објави дека содржело код за верификација, Нова ИРА се закани со понатамошна ескалација на насилството.

„Доколку продолжат да го малтретираат републиканскиот народ, наша намера е да ги бомбардираме во нивните домови, без предупредување“, се вели во соопштението на групата.

Новата ИРА е една од неколкуте помали милитантни групи кои се спротивставуваат на Договорот од Велики петок (Договор од Белфаст), еден од договорите за решавање на мировниот процес во Северна Ирска, кој стави крај на голем дел од насилството во Северна Ирска пред речиси 30 години.

Групата е одговорна за неколку напади врз полицијата во последниве години, вклучувајќи сличен обид за напад со автомобил-бомба надвор од Белфаст минатиот месец.

Последниот полицаец убиен во Северна Ирска беше Ронан Кер, кој почина во 2011 година кога експлозивна направа детонираше под неговото возило пред семејниот дом.

Безбедносните служби предупредија дека таргетирањето на полицајци во приватни домови би претставувало сериозна ескалација на безбедносната ситуација во регионот.

ФОТО: Белфаст Телеграф