Лидерот Вардар направи голем чекор кон освојување на титулата, откако попладнево го совлада Башкими со 2-0 во рамки на 30. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и ја зголеми предноста пред второпласираната Шкендија на шест бодови, додека во пресметката на директните конкуренти за опстанок Работнички и Пелистер одиграа нерешено 3-3.
Вардар на гостувањето против Башкими на неутрален терен во Гостивар дојде до победата со голови во првото полувреме, откако Закариќ во 8. минута им донесе водство на „црвено – црните“, а Николов во 45 минута го постави конечниот резултат.
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб сега има предност од шест бодови пред актуелниот шампион Шкендија на три кола до крајот на сезоната и е на чекор до посвојување на својата 12. титула, а прва од сезоната 2019/20.
Во дербито на дното, Пелистер три пати се враќаше од резултатска негатива на гостувањето во Скопје и успеа да извлече бод против Работнички во судското продолжение.
Работнички поведе во 4. минута со голот на Мухарем, но само пет минути подоцна Булатовиќ донесе израмнување. Работнички замина на полувреме со водство од 2-1, откако Демири беше прецизен од белата точка во 26 минута, а Хоџа во 55. минута му донесе предност на Работнички од 3-1.
Сепак, битолскиот прволигаш не се предаде и откако Петковски во 72. минута ја намали негативата, Ивановски во втората минута од судиското продолжение му донесе важен бод на Пелистер во битката за опстанок.
В недела на програмата се двата завршни дуели од 30. коло во кои Струга ја пречекува АП Брера, додека Арсими му гостува на Тиквеш.
Табела: Вардар 74, Шкендија 68, Струга 62 (-1), Силекс 53, Тиквеш 40 (-1), Башкими 40, Арсими 38 (-1), Пелистер 33, АП Брера 33 (-1), Македонија ЃП 30, Работнички 29, Шкупи 1.




