Во среда (20.5.2026), со почеток во 19 часот, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Хегел е мртов“ од Гордана Стојановска, во издание на „Македонска реч“.

Книгата, за која ќе говори проф. д-р Васил Тоциновски, разработува низа прашања во врска со библиотеката како клучна институција за духовниот и интелектуалниот развој на едно општество.

Стојановска се осврнува на состојбите во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје некогаш и денес, и тоа од повеќе аспекти: бројот на читатели, нивниот интерес за изнајмување различни жанрови книги, улогата на библиотекарот за читателите, набавната стратегија, како и функционирањето на таа институција во контекст на современите промени.

Посебен акцент е ставен на причините за историски најголемиот пад на работењето на Градската библиотека во последните години. Книгата е резултат на седумгодишно истражување на авторката во централната библиотека „Браќа Миладиновци“, во чиј научен оддел поминува 24 години како библиотекар.

Стојановска е автор и на книгите „70 години Градска библиотека ’Браќа Миладиновци‘“, „Комплетирање на библиотечни фондови“, „Во одбрана на меморијата“ и „Ќерката на сонцето“.