Министерството за надворешни работи внимателно го следи развојот на настаните и упати демарш до израелските власти со цел да бидат преземени сите неопходни мерки за безбедноста на грчките граѓани кои учествуваат во флотилата „Global Sumud Flotilla“ (глобалната флотила „Сумуд“), соопштија од грчкото МНР откако активистите преку социјалните мрежи информираа дека нивните бродови биле пресретнати од војската на Израел, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за надворешни работи на Грција додадоа дека исто така се во постојана комуникација со грчката амбасада во Тел Авив, „која е во целосна подготвеност да обезбеди секаква можна конзуларна помош“.

Новата „флотила за Газа“, со околу 50 бродови, од кои неколку се грчки, минатата седмица исплови од турското пристаниште Мармарис, со цел да се пробие блокадата на Појасот Газа, а активистите од Грција, вчера, преку социјалните мрежи информираа дека неколку бродови биле пресретнати од израелската војска во меѓународните води и уапсени се дел од членовите, меѓу кои и грчки државјани.

Вчера, пред Министерството за надворешни работи во Атина се одржа протест со барање да се ослободат сите активисти, а за денеска е закажан е нов протест под слоганот „Медитеранот не му припаѓа на Израел“.

Претходната флотила беше пресретната од израелската војска на 30 април, при што Грција ја презеде одговорноста да ги прими на своја територија сите 176 активисти кои пристигнаа на грчкиот остров Крит и безбедно беа вратени во нивните земји.