Денес во Подгорица беше направен значаен исчекор за иднината на регионалниот ракомет со потпишувањето на договорот за формирање на регионални лиги во машка и женска конкуренција.
Регионалната машка лига ќе брои десет клуб, по четири од Србија и Македонија, како и два од Црна Гора, додека регионалната женска лига ќе има десет клубови од пет земји од регионот: Црна Гора, Србија, Македонија, Хрватска и Словенија со по два претставници од секоја држава.
Овој проект претставува важен чекор кон создавање поквалитетен и поконкурентен натпреварувачки систем, кој на клубовите ќе им овозможи поголем број силни натпревари, дополнителен развој на младите играчи и тренери, поголема медиумска видливост, како и посилен комерцијален потенцијал за ракометот во целиот регион.
Посебна вредност на овој проект му дава фактот што станува збор за заедничка иницијатива на федерациите и клубовите, заснована на партнерски однос, меѓусебна доверба и заедничка визија за развој на ракометот во Југоисточна Европа.
Потписниците на договорот изразија уверување дека регионалните лиги уште од првите сезони ќе донесат нов квалитет, дополнителна атрактивност за навивачите и спонзорите, но и ќе претставуваат силен поттик за понатамошен развој на ракометот во сите земји учеснички. Во наредниот период ќе биде формирана заедничка канцеларија на лигите, ќе бидат дефинирани сите натпреварувачки и организациски модели, како и календарот за почеток на натпреварувањата.




