Бројот на американските војници во Полска ќе се задржи главно на досегашното ниво – изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски изразувајќи му благодарност на претседателот на САД, Доналд Трамп, за најавата за испраќање дополнителни 5.000 војници во земјата.

– Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за изјавата дека ротацијата и присуството на американските сили во Полска ќе бидат задржани главно на досегашното ниво – истакна Шикорски пред почетокот на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО, што се одржува во Шведска.

Оваа изјава доаѓа откако претходно месецов САД ги откажаа плановите за распоредување на други 4.000 американски војници во Полска.

Во меѓувреме, финската министерка за надворешни работи, Елина Валтонен, изјави дека американскиот државен секретар Марко Рубио за време на состанокот во Шведска јасно ќе ја потврди поддршката на САД за НАТО.

„САД не се повлекуваат од НАТО. Напротив, повторно ќе го слушнеме државниот секретар Рубио како ја потврдува посветеноста на САД кон алијансата“, им изјави Валтонен на новинарите во Хелсингбори.