Американскиот државен секретар Марко Рубио им порача на сојузниците од НАТО дека Алијансата ќе мора да „одговори“ на загриженоста на претседателот Доналд Трамп во врска со реакциите на европските партнери кон операциите на САД и Израел на Блискиот Исток.
– Ставовите на претседателот – неговата загриженост за дел од нашите сојузници во НАТО и нивната реакција на нашите операции на Блискиот Исток – се добро познати. На тоа ќе мора да се одговори – изјави Рубио при пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во шведскиот град Хелсингбори, нагласувајќи дека прашањето нема да се решава денеска.
Според медиумски извештаи, Трамп и понатаму е незадоволен од одбивањето на европските држави да се приклучат во воената кампања на САД и Израел против Иран. Рубио потенцираше дека НАТО „мора да биде корисен за сите учесници“ и дека состанокот во Шведска ќе ја подготви подлогата за претстојниот Самит на лидерите во Анкара на почетокот на јуни.
Освен тоа, американскиот државен секретар децидно нагласи дека каков било евентуален систем за наплата на такси во Ормуската Теснина би бил целосно неприфатлив за Вашингтон.
Во однос на европската безбедност, Рубио увери дека последните одлуки на Трамп за распоредување американски војници на европско тло „не се казнени мерки“, туку дел од „процес кој трае“. Сепак, одлуката на Трамп за испраќање 5.000 американски војници во Полска, само неколку недели откако нареди повлекување на исто толку војници од Европа, предизвика сериозна збунетост меѓу сојузниците и воените кругови во САД.
– Ова е навистина збунувачки и не е секогаш лесно да се менаџира – изјави шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард, чија земја е домаќин на состанокот. Анонимни извори од американската армија исто така признаваат дека не ја разбираат оваа нагла промена, нагласувајќи дека поминале две недели во реакција на првото соопштение, а сега не знаат што значи новата одлука.
На маргините на состанокот во Хелсингбори, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Берлин годинава ќе потроши над 4 отсто од БДП за одбрана, со тенденција да достигне 5 отсто. Германија, исто така, ќе предложи засилување на одбранбената соработка со Украина, како ефикасен начин за забрзување на военото производство.




