Kултурниот и духовен концепт на светите Кирил и Методиј
/Рамноапостоли и сесловенски и македонски просветители/
Пишува: Сотир Костов
Да ги чуваме оганот и факелот запалени од светите браќа Кирил и Методиј.
Неспорно е дека македонскиот простор отсекогаш бил центар на Балканот, од каде се создавале, активирале и дисперзирале влијателните цивилизациски појави низ различните епохи. Ова особено се однесува на кирилиметодиевската традиција и континуитетот на словенската цивилизација и култура. Така и се создадени јазичниот, културниот и историскиот идентитет на македонците и Македонија. Првична и најголема улога имаат светите браќа Кирил и Методиј.
Тие се македонски и сесловенски духовни светилници. Македонски и сесоловенски културни темелници. Рамноапостоли, просветители, мисионери и заштитници на писменоста. Културни и духовни втемелувачи(јазик, писмо, филозофија) на словенската цивилизација. Словенска цивилизација, во редот со византичкогрчката и римокатоличката.
Светите браќа ја создадоа, глаголицата, а подоцна и кирилицата. Првата, глаголицата, е запретана во нашето далечно средновековие, под бедемите на древниот Охрид, а другата, кирилицата, е жива, еластична, разиграна, готова да ги прегрне предизвиците на новото време.
Станува збор за азбуката на која светите браќа ги запишале првите преводи на првиот и тогаш единствен литературен јазик за целиот словенски род – старословенскиот, кој претставува отслик на говорот на македонските Словени што живееле во три села во околината на Солун: Сухо, Високо и Зарово.
Дадоа темел/основа за градење на компонентите култура, словенство и народност.
Заслужни за сивата и долга литија на ливчиња, пергаменти, кожи, требници, хагеографии, тропари, догми, беседи, дамаскини, кои од текстовите на средновековната христијанска ортодоксија, како духовен и просветен импулс, се протегаат до пионерските дела на Крчовски, Пејчиновиќ, Миладиновци, Прличев, Пулевски, Џинот, Лозарите, Мисирков, Рацин, Конески …
Литија од ракописи, Асаматово евангелие, Синајски псалтир и Синајски еухологиј, од една страна, и книгите Слово заради умирание, Повест, Огледало, Митарства, Чудеса, Различна поучителна поставленија и Утешение грешним, на друга страна.
Тоа е траекторијата на кирилиовска, методиевска и климентовска програма.
Тоа се знаците, делото и пораката на Кирил, Методиј, Климент, Наум и Храбар.
Камбани кои чукаат. Кандила запалени. За просветлување, просветување и светлина.
Филозофска потка, етички постулат, фолклорна самобитност за народносна самосвест.
Создаден, развиен и заокружен народен, преродбенски, свовенски, културен и политички концепт.
Ја создадоа основата, го удрија темелот и го поттикнаа феноменот на историското проникнување на стандардизацијата на старословенскиот/старомакедонскиот книжевен јазик, на словенската писменост, на книжевно-творечките процеси, како и на словенското богослужење.
Завршницата на ваквата бурна историска епизода – епизода на словенско цивилизациско и духовно прелевање, започнува да се разрешува со политичкото активирање на кирилометодиевската сесловенска мисионерска и просветителска дејност.
Наша света задача е да ги чуваме оганот и факелот запалени од светите браќа Кирил и Методиј.
Нека ни е честит и вековит 24 мај, денот на сесловенските и македонски просветители светите Кирил и Методиј.




