Братислав ДИМИТРОВ

(Грешката дека сме премлади, можеме полека

дури со годините да ја поправиме)

Ј.Л.Хајберг

Горната поговорка звучи логично, само теоретски. Во пракса ситуацијата е поинаква, што значи очајна. Еден шеесетгодишен човек, најмногу го нервира друг шеесетогодишен човек. Го потсетува на сè што поминало и сè што нема да дојде. Доцна му е и за успех и за неуспех. Кога беше млад, сакаше да го промени светот. Сега сака само комшијата да ја намали музиката и да најде место за паркирање. А за качување на дудинката во дворот, мора да ги чека внуците. За да им брани качување на дудинката во дворот. Со домашното милениче, модел „пекинезер“ не смее да се замери. За да не си ја загрози својата тешко стекната трета позиција, во смејната хиерахија.

Се обидува повторно да се заљуби во сопругата, ама автомобилот е многу помлад. Гаражиран, редовно одржуван, металик боја, фелни, кожни седишта… и голема завист од комшиите. Добро, еве, да кажеме дека се заљубил. Неговата ташта смета дека нејзиниот зет требало да биде барем доктор Килдер или Ричард Чемберлен, а не Трпе од Драчево со барака после земјотресот. Никој не спомнува дека невестата  од чеиз имаше две шустикли и бањарка, а од „мекани ствари“ само јорганче и перница. Мане Кант остро пресече: „Под хитно Итар Пејо да се забрани во нашите лектири!

Гледаш како типчето ставил раче на срце и се колне во сè што му е најмило, сосе македонскиот воздух. А после? После пу пу не важи! Taa итарпејовштина создаде менталитет на ербаплук и лукавост. Штетите се немерливи и продолжуваат. Истите луѓе кога им одговара се старомодни, а кога не, ептен се модерни. Во нашиов случај, само Трпе и јас најискрено го поддржуваме феминизмот. Сакаме да бидеме рамноправни со жените!

Што да прави човек кој има релација само од дома до работа и од работа до дома? Седнува во бифе кое го одбегнуваат и ликовите на Достоевски. Стуткан како пет пари во кесе, ги прави своите животни и спортски прогнози. Сите пропаѓаат, како коцките мраз во замаглената чашка со лажната вотка. Тогаш сфаќа дека животот му е потесен и од фармерките. Откако се откажа од цигарите, алхохолот, братот и кумот, реши да се откаже и од телефонот. Во тие години никој не му телефонира, а особено да му каже некоја радосна вест. А кога некогаш ќе му заѕвони, дава знаци на домашните дека не е тука. Формално-правно, тука е. Гледано филозофски, никаде го нема.

Македонија е земја на феномени, парадокси и загатки. Само тука има сиромашни родители со богати деца. Родителите немаат ништо, а децата имаат сè што ќе побараат. Ова е голема мистерија и за најголемите волшебници и алхемичари. Триковите на врвните маѓионичари изгледаат наивно, кога ќе се споредат со триковите на еден македонски татко.

Затоа еден професионален циник одамна напишал: „Кога ќе видам таков татко, постојано имам желба срдечно да му ја затресам раката, море ми доаѓа да го затресам и целиот татко. За да му честитам на неговата снаодливост и способност“.

Некогаш се носеше мантил шушкавец и транзистор. Оди човек со транзистор на рамото и каде и да оди, свири и шушка. Женските ги брануваа таинствените плисирани сукњи во „балетанки“, со чекори на кои им завидуваа и најграциозните газели. Бабите и дедовците раскажуваа народни приказни, митови и легенди, башка приспивни песни. Роднините и пријателите помагаа секогаш кога требаше да се помогне. Кучињата ги чуваа своите стопани, за разлика од денес кога е обратно.

Некогаш имаше конкуренција помеѓу „ѕвонарки“ и „брич“ панталони, помеѓу тарзан и битлс фризури. По улиците шетаа дупликати на накривениот Џон Вејн и жмиркавиот Џон  Ленон, со неговите славни наочари „ленонки“. Први комшивки нѝ беа нашите варијанти на Џина Лолобриџида и Беба Лончар. Мажите беа мажи, а жените беа жени. Знам дека сум старомоден и прост, ама мора да прашам. Во што е поентата? Ако жените станат мажи, а мажите жени, збирот ќе биде ист и ние повторно ќе бидеме на почетокот.

Што се случува денес со класичните татковци? Сè помалку ги има. Истребени се од славните борци против традиционалните вредности. И од модата, оф корс. А и тие малкумина што останаа, повеќе личат на подвижен есеј за срам од староста, отколку на родител што ќе извади пари за своите деца и од најнеочекувани места. Описот самиот зборува:

Плеќат стар брадоња со раскопчана свилена блузичка, обетки на ушите и златна нараквица, плус репче на тилот, се клати низ сокаци и ја пее „бејбе бејбе ајм гона лив ју…“ погласно од Лед Цепелин! Кога еден ваков модерен татко ќе поминеше низ маало, Цанко Курбла обавезно му дофрлаше: „Е мој брадоњо, биди среќен што живееш денес и овде. Да живееше така да се каже вчера и исто така овде, мојата генерација ќе ти ја симнеше нараквицата заедно со раката, а обетките заедно со ушите!“

Што се случи со староста што ја величаше Цицерон и ја опеваше Елиот а која беше извор на авторитет и мудрост? Доживеа модерна трансформација. Денес не е никакво чудо да ја видиш мумијата Тутанкамон во фармерки, како во кафич шмрка макијато а во тоалет кокаин. Правото на демократија и слобода, го вклучи и правото да не се биде стар. Ама и природата се прашува. Кому служи биолошкиот фалсификат освен на безбројните кич и шунд телевизии, башка интернет портали? Бекството од староста е разбирливо во подносливи граници. Само како дел од прастариот сон за бесмртност. Инаку сè повеќе ќе среќаваме стари момчиња и млади старци, кои ја загубиле опкладата со природата.

Па после сум бил носталгичен? А што да бидам? Не така одамна по телевизиите имаше гатари и гатарки. Тогаш им се подсмевавме и баравме да ги симнат од програмата. Гледано од денешен аспект, испаѓа дека тие помалку грешеле во претскажувањето на иднината, од денешниве кружни аналитичари и експерти. Плус, не беа досадни како модерниве кои само што ќе ги видиш, однапред знаеш што ќе кажат.

Во една тогашна емисија се јави во студиото загрижен човек и ја праша госпоѓата гатара за својата судбина. Таа без верглање и мафтосување искрено му к ажа: „Имаш пуно душмана и много ти љубомору“.

Човекот се пресели во Австралија. Другите се преселија на фејсбук. А ние?

Што ние?

(МИА)