Аеродромот во Минхен повеќе од еден час изутрината беше целосно затворен поради нарушувања кои пилоти ги пријавија за време на лет, а за кои имало сомневање дека биле предизвикани од дрон, пренесуваат германските медиуми.

Аеродромот беше целосно надвор од функција од 9 часот, пренесува „Билд“.

Како што потврди федералната полиција, сообраќајот беше прекинат на двете писти за полетување и слетување.

Портпаролот на федералната полиција, Стефан Бајер изјави за германскиот весник дека во близина на аеродромот е забележан потенцијално неовластен летачки објект и дека е наведено дека може да станува збор за дрон.

Голем број полицајци беа присутни на местото на настанот, а беше распореден и хеликоптер за да провери за евентуално присуство на дрон. Околу 10:05 часот беше објавено дека полицијата не открила ништо сомнително, изјави портпаролот за „Билд“.