Министерството за надворешни работи на Русија го повика на консултации во Москва, амбасадорот во Ерменија, Сергеј Копиркин, поради чекорите што ги презеде ерменското раководство кон Европската Унија.

Во соопштението за медиумите на руското Министерство за надворешна политика се наведува дека постапките на Ереван ѝ нанесуваат штета на соработката во рамките на Евроазиската економска унија (ЕАЕС).

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оцени дека ситуацијата во која Ерменија истовремено останува членка на ЕАЕС и се стреми кон членство во ЕУ е без преседан.

Тој потсети дека Ерменија усвои закон со кој ја прогласи својата намера да се приклучи кон Европската Унија, но нагласи дека членството во ЕУ е нормативно некомпатибилно со статусот на членка на ЕАЕС.

Ерменија во пролетта 2025 година усвои закон за својата намера да се приклучи кон ЕУ, иако Брисел не ѝ понуди на земјата членство. Премиерот Никол Пашинјан претходно изјави дека Ереван разбира дека членството во ЕУ и ЕАЕС се меѓусебно некомпатибилни, но дека земјата ќе соработува со двата блока се додека тоа биде можно.