Колумбијците денеска избираат нов претседател, во услови на длабока политичка поларизација меѓу поддржувачите на продолжување на политиките на левичарската влада и оние кои се залагаат за премин кон поголема безбедност и економски раст.

Кандидатот на левичарската коалиција Историски пакт, Иван Сепеда води на анкетите по ветувањата за продолжување на социјалните програми на колумбискиот претседател Густаво Петро и продолжување на мировните преговори со нелегалните вооружени групи за да се стави крај на шестдеценискиот внатрешен конфликт, иако се очекува да се соочи со тешка борба во евентуалниот втор круг.

Сепеда (63), филозоф и член на Парламентот од 2010 година, предлага даночни реформи што би ја прошириле даночната основа, би вовеле данок на богатство и би ги намалиле даночните олеснувања за големите компании за финансирање на социјалните трошоци. Тој, исто така, рече дека е отворен за предлози од левицата за промена на уставот. Неговиот татко, комунистички политички лидер, беше убиен во паравоен напад во 1994 година.

Од десницата, главни кандидати се независниот бизнисмен Абелардо Де Ла Есприела и сенаторката Палома Валенсија, која е поддржана од поранешниот претседател Алваро Урибе.

Де Ла Есприела (47), политички аутсајдер кого поддржувачите го нарекуваат „Тигарот“, ја базира својата кампања на прашања поврзани со безбедноста, намалувањето на улогата на државата и економското закрепнување. Неговата програма повикува на порешителна борба против криминалот, трговијата со дрога и нелегалните вооружени групи, зајакнување на вооружените сили и изградба на големи затворски комплекси. Тој, исто така, планира да ги намали даноците и да ги оживее рударскиот и нафтениот сектор.

Валенсија (48), адвокатка и кандидатка на десничарската партија Демократски центар, исто така ги истакнува безбедноста и економското закрепнување како приоритети. Таа вети дека ќе се справи со нелегалните вооружени групи, ќе ги запре обидите на Петро да преговара за мировни договори, ќе ги намали даноците за компаниите за да го поттикне вработувањето и ќе ги реформира здравствениот, правосудниот и пензискиот систем.

Повеќе од 41 милион Колумбијци имаат право на глас, а гласачките места се отворени од 8 часот до 16 часот по локално време.