Братислав ДИМИТРОВ

Првата и досега единствена Македонска енциклопедија беше објавена 2009 година. После само месец и половина, под притисок беше повлечена. Наместо читатели, сега во некој академски подрум собира прашина, молци и мувла. 260 соработници и исто толку исплатени хонорари никој не ги споменува. А уште помалку споменува нова енциклопедија. Коментарите беа дека таму влегле ликови кои во нормални држави не би ги ставиле ни во ѕиден весник. Тие што не влегоа во ниту еден том на дотичната и беа длабоко разочарани, се снаоѓаа. Некои се зачленија во друштвото на апатични луѓе. Друштвото одлично напредуваше. За само една година им испоумреа половина членови. На другите не им се допадна оваа бавност и станаа членови на кајакарско друштво. Кајаците имаат дупки и потонуваат за минута и половина.

И мене ме немаше во подрумската енциклопедија. Дали бев разочаран? Напротив. Тоа ме инспирира да си направам своја енциклопедија и заради општо (мое) добро да станам претседател. Главен услов за прием во мојата енциклопедија е да не си застапен во државната. Сега ќе претставам неколку кандидати кои се бесмртни, затоа што сè уште не стигнале да умрат. Додуша едниот ветуваше многу, ама кумановец е и постојано се повикува на амандманот: „Жути жутуев-црвени путуев!“

Пеце Шиник после гледањето на филмот „Казанова“, изјави дека никогаш нема да се жени. Иако имаше едвај 18 години, неговите се испаничија. Без локум и домино ќе тераат некаква старост, ама без внучиња што ќе прават во паркот? Ќе кљамчмат на клупа додека од дрвјата над нив ќе ги серат птици. Според народното верување, тоа е среќа. Според медицината, тоа е среќа само за фармацевската индустрија, со сите оние нивни грипови. Превентивата е мајка на сè. Затоа решија одма да го женат Пецета, за после да не биде касно. Најугледната стројничка му донесе дома една кандидатка од Драчево, на бендисување. После го опколија домашните и татко му свечено го праша: „Што мислиш синко?“ Пеце се повика на народната изрека: „Жена без газ е како село без основно училиште“.

Цонка, прв носител на „тарзан“ фризура која редовно ја контролираше со две огледала. Ниту најпрецизниот шублер не можеше да ѝ најде маана. Подоцнежната мода на носење на подигната крагна, нè спаси и нас и берберите од прецизирање на славната линија на тилот. Тие што беа штедливи и практични, уште на почеток на летото ги шишаа главите на нула („лустер“) и беа раат. Не мораа до есен да ги слушаат составите на репрезентацијата и владата, башка ждригањето на берберот. Многу арно не е на арно. Нивниот кошмар беше народниот обичај „перенде“. Секој што ќе се потшиша, особено „лустер“, останатите му удираа нималку нежна шлапанка по черпените површини.

Ганза беше горд на огромниот нокт што нападно штрчеше од неговиот мал прст. Со тој моден детал си ги чистеше ушите, носот и забите. Ефто КГБ како угледен шпион, тврдеше дека Ганза го активирал ноктот и за чешање на други „стратешки“ места. Сепак, долг нокт на малото прсте во тоа време најчесто носеа цајканите. Наводно, за да можат одма да ја скинат казната на прекршителот кој е прв другар на командирот, втор братучед на секретарот и трет… Според една друга теорија, долгиот нокт на цајканите… (текстот на ова место е нечитлив).

Благојче ги постави основите на „фитнес“ и слични аргатски клубови. Еден ден две канти од масло „Ина“ ги наполни со бетон и ги спои со железна шипка. Така настанаа првите тегови. Во тоа време „сукоб на књижевној љевици“ беше дали Тарзан е посилен од Херкулес. Благојче запна да го реши спорот со личен пример. По цел божји ден ги дигаше и ги спушташе проклетите тегови. Во ретките паузи виткаше челична жица и тепаше некој што му е најблиску, колку малку да одмори. Кога стана ко тибетско говедо, ги шеташе своите мускули низ цело Скопје. Во кратки панталони и маица без ракави, сè додека не се појават првите мразулци на околните стреи, а забите станат скомињави.

Кузе и многу наши кандидати беа на отслужување на воениот рок 18 месеци во тогашната ЈНА. Графата „слободни активности“, тој максимално и креативно ја искористил. Кога се врати дома го разгледувавме со денови. Ниту една изложба немаше таква посетеност. На левата рака истетовиран тенк, на десната цицка орел во низок лет, ни риба ни девојка (сирена) ја красеше неговата десна цицка… На останатите слободни кожни површини, уметничкиот порив поентирал со срп и чекан, петокрака и имињата на сите негови другари. Тогаш се смеевме и немавме поим дека Кузе е авангарда. Тој прв ги удри темелите на една од европските вредности. А тоа е слободата на изразување на сексуалната различност. Имено, тетоважата на неговиот задник прикажуваше како воз влегува во „тунел…“

Што правев јас во тоа време? Иако животот пружа многу убави можности човек да испадне глуперда, јас се одлучив да бидам голман! По цел ден се фрлав со „паради“ по онаа глупава топка. А навечер мама на својата „сингер“ машина, ги штепуваше голите коленици на моите панталони. Тато на џумките ми ставаше лепче, а во потешки случаи и ракија комовица, препек. По фудбалот, втората популарна спортска дисциплина беше „гзеечки“. Сите седат на земја, а еден со топката ги мава. Секој ја одбива топката со нозете, ама ако таа го погоди во било кој дел од телото, станува и тој почнува да мава со топката. Тоа беше една интелигентна и префинета игра. Нешто помеѓу преферанс, бриџ и крикет. Единствена маана беше хроничното кинење на задниот дел од панталоните. За среќа беше комунизам со паролата: „Ако е старо, само да е чисто и закрпено“. Затоа ние копиљаците одевме наоколу со „наочарчиња“ на газот. Шампион во олимписката дисциплина „гзеечки“ беше Кицо „Крт“. Седна на пољанчето во прво одделение, а стана во трето, откако една топка случајно го погоди додека зјапаше во нашата Мерлинка со име Севда.

Зошто седам сам на балкон? Многу сум по тоа романтиката, да му се сневиди. Не бара посебни услови и најефтина е. Ме влече. Ќе заборавам на тепсија со равании, ќе баталам копанче од коковче печено, ќе издржам и без министерско место, само да романтичарам. Така беше порано. Така е и сега. На балкон сум. Една гугутка и гугут ја изведуваат својата утринска соната. Неколку црни облачиња како загарчиња почнаа да гризат од небесното синило над Матка, што беше првиот знак дека наскоро нашите родители ќе редат легени, кофи и корита под таваните, изневерени од нивните покриви за време на поројните дождови. И додека милијарди капки баботат по околните олуци, ние стоиме под стреите и гурмански јадеме кришки леб намачкани со… што имало.

Едвај излезен од густата пајажина на сонот, стојам во пижами уште долго време загледан во… Мислам дека беше животот. Сам сум. На работ сум на кворум. Сепак, одлуката ја донесувам едногласно. Знам дека е преамбициозно за моите капацитети, ама решив да бидам нормален човек.

Нормален човек е само добар човек.