Претседателот на единствената политичка партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, од утре до 6 јуни ќе учествува на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА), што ќе се одржи во Гандија, Шпанија.
На Генералното собрание, меѓу точките на дневниот ред е и разгледувањето и гласањето на резолуција поднесена од МАЕИ за заштита и унапредување на правата на Македонците во Албанија. Резолуцијата пред делегатите на ЕФА ќе ја образложи Стерјовски.
– Во рамките на собранието се предвидени и билатерални средби на Стерјовски со европратеници, претставници на политички партии од повеќе европски држави, како и со претставници на меѓународни организации кои се занимаваат со заштита на правата на националните малцинства, информираа од МАЕИ.
Додаваат дека учеството на МАЕИ на Генералното собрание на ЕФА претставува значајна можност за афирмација на прашањата и предизвиците со кои се соочува македонското национално малцинство во Албанија пред европската јавност и институции.
Македонска алијанса за европска интеграција во 2024 година стана полноправна членка на Европската слободна алијанса. ЕФА е европска политичка партија која ги обединува и претставува регионалните, автономните и малцинските политички партии во Европа и е застапена во Европскиот парламент.
Фото: МАЕИ




