Универзитетски професори, судии, адвокати, претставници на правосудните институции на денешната јавна расправа на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците го поздравија Предлог-законот за парнична постапка и изнесоа свои забелешки, ставови и предлози за доусовршување на предложеното законско решение.
Предлог законот, кој според стручната фела, е еден од најзначајните реформски закони во областа на правосудството, носи современи решенија за модернизација на судските постапки, поголема ефикасност на судовите и зајакнување на правната сигурност на граѓаните.
Судијката во Врховен суд на Република Македонија, Катерина Георгиевска смета дека е многу значаен закон за судиите.
– Навистина долго години укажувавме дека има потреба да се направат измени на овој Закон и еве навистина, прифатени се сите забелешки коишто имаше потреба да се направи измена. Во ред е најчестата измена што се направи за вештачењето, за да може судот да го наложи вештачењето. Тоа е 245 член, затоа што досега навистина во пракса имавме проблеми по однос на оваа одредба. Кога судот не можеше да наложи вештачење, само на странките беше оставено. По налог на странките се правеше и имавме проблеми, постапките траеја подолго отколку што мислевме дека тогашното решение ќе придонесеше да се скратат- истакна Георгиевска.
Претседателката на Апелациониот суд, Мери Дика Георгиевска смета дека со предлогот, во сослушувањето сведоците да дадат писмена изјава многу ќе се скрати постапката и не би дошло до големи одлагања како досега, бидејќи не можеле да се обезбедат сведоците. Таа забележа и дека имале проблеми по однос на вештачењата.
Професорката Џемиле Салиу смета дека во новото законско решение потребно е да се додаде нова одредба кога како доказ се предлага електронски запис, судот да определи вешто лице за неговата автентичност.
Според судијата Драган Петрушевски треба да се забрза постапката за дигитализација на судството.
– Законот дава алатки кои досега ги немавме или ги имавме во друг облик. Не сомнено е дека ги отвара вратите кон европската правна традиција со воведување нови институти. Но сепак ефикасноста на имплементација на ваков закон не лежи само на страна на судиите и тоа дали судиите ефикасно ќе ги почитуваат ваквите правила во духот на законот, туку е на страна и на адвокатите и полномошниците во судската постапка, нивната процесна дисциплиниранот и зависи од институционалната и системска поддршка. Потребно е да има доволен број судии, електронска инфраструктура и обука за примената на ваквиот закон- истакна Петрушевски.
Адвокат Жарко Хаџи – Зафиров даде поддршка, но и критика на предложеното законско решение. Смета дека со Предлог законот за парнична постапка се обезбедуваат пошироки процесни заштити, како што е воведувањето мешовит систем на застапување на висок суд, електронската комуникација и воведување на тужбите за заштита на јавниот интерес.
Адокатот Горан Нациќ заклучи дека со измените парничната материја не само практично, туку и теоретски оди чекор напред. Воведувањето на новините во парничната материја ќе овозможат олеснување за судиите и адвокатите. Тој смета дека судовите ќе мора да бидат опремени електронски да комуницираат.
– Дигиталзиацијата на ЗПП е сериозен чекор напред, но и сериозна обврска на државата да најде средства за тоа да го имплементира- рече Нациќ.
Адвокатот Фарук Мислими смета дека законот треба да се поддржи, но во одредени случаи треба да се види прво какви се условите во судството, односно дали судовите се целосно дигитализирани. Смета дека законот е добар, но, според него, избрзан, односно дека прво треба да се исполнат техничките услови.
За адвокатот Артан Мемиши предлог законот директно ќе влијае врз пристапот на граѓаните и на правните лица до правдата.
– Мојата генерална оценка е дека предлог-законот оди во правилна насока, тој содржи повеќе позитивни решенија како што се: дигитализацијата, електронски документи, рочишта на далечина, појасни правила за докази, поактивна улога на судот кај вештачењето, како и нова колективна заштита на права, особено на потрошувачите. Позитивно е тоа што се предвидува правно толкување на знаковен јазик за лица со говорна попреченост и оштетен слух. Тоа е пораката дека пристапот до правда мора да биде реален за сите граѓани, не само формално запишан во закон- рече Мемиши.
Предложеното законско решение, според Министерството за правда е усогласено со повеќе системски закони и претставува важен чекор кон создавање модерен, функционален и ефикасен правосуден систем.




