Морнарицата на Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) спречи обид за минување на нафтен танкер низ Ормуската Теснина откако пловилото, според наводите на иранските власти, ги игнорирало безбедносните директиви, пренесоа иранските медиуми, повикувајќи се на безбедносен извор.
Според изворот, инцидентот се случил по, како што се наведува, новите американски поморски активности во близина на јужните брегови на Иран, пренесе Прес ТВ. Звуците на експлозии кои се слушнале во округот Сирик се поврзани со судирот на поморските сили на ИРГЦ и танкерот кој се обидел да помине низ протокот.
Иранскиот безбедносен извор додаде дека морнарицата на ИРГЦ ја засилила контролата над Ормуската Теснина и ги предупредила сите пловила да се придржуваат до издадените безбедносни насоки. Засега не е познато под чие знаме пловел танкерот.
„Со последователни соопштенија, јасно ги предупредивме сите пловила да не се обидуваат да поминат низ протокот. Таквите акции се сметаат за директно кршење на безбедноста“, наведе изворот.
Според него, танкерот ги прекршил поморските прописи и по предупредувањето бил принуден да се откаже од обидот за минување низ протокот. Изворот истакна дека иранските сили ќе продолжат со надзорот и патролирањето на тој пловен пат и дека ќе реагираат на секој обид за минување кој го сметаат за неовластен или ризичен за безбедноста.
Иранските власти оценија дека операцијата ја покажува способноста на морнарицата на ИРГЦ да ја контролира ситуацијата во Ормуската Теснина во услови на, како што наведоа, засилените тензии со Соединетите Американски Држави.
„Нашите сили во моментов спроведуваат сеопфатни операции за надзор и патролирање во Ормуската Теснина. Секој брод што ќе се обиде да помине низ оваа витална артерија ќе се соочи со цврст и одлучен одговор“, нагласил изворот.




