Во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Скопје денеска беше потпишан Меморандум за разбирање за спроведување на проектот „Конвергенција на климатската и еколошката правда“ (CEJ Convergence) меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за правда и француските партнери.
Како што соопштуваат од МЖСПП, меморандумот го потпишале заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, амбасадорот на Франција во земјава Кристоф Ле Риголер и министерот за правда Игор Филков.
– Меморандумот ја утврдува рамката и модалитетите за соработка меѓу институциите во насока на спроведување на проектот, чија цел е унапредување на пристапот до еколошката правда, зајакнување на учеството на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со животната средина и поддршка на поефикасна примена на еколошкото законодавство во согласност со европските стандарди – стои во соопштението од МЖСПП.
Лашкоска во обраќањето истакнала дека заштитата на животната средина и владеењето на правото се тесно поврзани и бараат засилена институционална соработка и партнерство со меѓународните актери.
– Со потпишувањето на меморандумот се создава основа за продлабочување на соработката со француските и европските партнери и за понатамошно усогласување со европското законодавство и практики во областа. Ова е важен чекор во исполнувањето на обврските од европската агенда и во зајакнувањето на владеењето на правото, како клучен сегмент од процесот на пристапување кон ЕУ – изјави Лашкоска.
Додава дека проектот ќе придонесе за поголема транспарентност и ефикасност на системот, овозможувајќи им на граѓаните полесен пристап до механизмите за заштита на нивните права во областа на животната средина, како и поголемо учество во донесувањето одлуки.
Проектот е дел од реформите во рамки на Поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени и е насочен кон зајакнување на владеењето на правото и демократското учество во креирањето јавни политики.




