Не смееме да ги заборавиме граѓаните. Ние сме привремени, ние не сме совршени. Денес политиката е во голема криза бидејќи главно се занимава со тоа кој, кога, како и каде ќе добие, но граѓаните се изворот на нашиот легитимитет и тие се носителите на суверенитетот, вели претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во вториот дел од мега интервјуто за МИА.
Во однос на прашањето како ќе спречиме граѓаните да не ја изгубат вербата во европската перспектива, таа вели дека треба да ги охрабриме дека европските принципи и вредности, тие што се зацртани, а што не се почитуваат во конститутивните акти, дека се и македонски принципи и вредности, дека и овде можеме да функционираме на ист начин.
Претседателката зборува и за нејзините средби и посети, за нејзините настапи, притоа истакнувајќи дека честопати говори дека е време за политика заснована на докази.
– Ако вие укажете пристојно, културно, со аргументи, дека имате забелешки на некои решенија, дека тие решенија не кореспондираат со филозофијата на Европската Унија, дека тие решенија не се прифатливи за повеќето од граѓаните, тогаш мислам дека ќе размислат, ако не самите тие, тогаш нивните соговорници. И затоа јас честопати говорам дека е време за политика заснована на докази, вели Сиљановска – Давкова.
Таа потенцира дека не смееме надвор да се однесуваме фрустрирано, субмисивно – мала држава, мал претседател, дека мора да послушаме. – Вие мора да ги изнесете националните интереси, ставови и да ги браните. Таков ќе биде и односот кон вас, се разбира, доколку го заслужувате тој однос и доколку сте рамноправни со нив во разговорот, додава претседателката.
Истакнува дека е важно да не сме ние фрустрирани само поради тоа што доаѓаме од „малата држава“. – Не, јас тоа одамна сум го надминала и апсолутно, кога ги кажувам нештата, ги кажувам така како што мислам дека се и никогаш не заборавам кого претставувам. Никогаш. И затоа јас честопати говорам дека ЕУ треба да подразмисли околу методологијата на преговорите. Не може тоа да биде „молчи и слушај“. Како постар брат и помлад, или богат и сиромашен. Не. И кандидатите, и кандидатите за кандидати имаат што да кажат. Е, какви се тие преговори кога вие мене ми велите: „Еве ја рамката, спроведете ја, сменете го Уставот оти ние сме внатре, ние сме ексклузивно друштво, а вие чекате“? Не. И на ЕУ исто така ѝ требаат длабоки реформи, истакна претседателката Љиљановска – Давкова.
Таа најави дека Македонија ќе го организира настанот „Брдо – Бриони“, бидејќи смета дека тој процес не смее да престане. – Може нема да биде тоа ни Брдо ни Бриони, ама ќе биде еден добар балкански чекор. Ние немаме никаков проблем, особено не територијален или друг проблем, со нашите соседи. Ние дејствуваме во рамките на процесот „Брдо – Бриони“ како одговорен регионален играч и тоа го почитуваат сите мои колеги и колешки“, додава претседателката Сиљановска -Давкова.
Во интервјуто таа зборува и за довербата во судството, која сега изнесува само два отсто, истакнувајќи дека решението е во сериозни реформи.

Меѓутоа, таа додава дека ние бевме сведоци дека еден антисистем стана систем или дека она што беше недозволено стана нешто редовно. – За тоа треба време, меѓутоа тука сум и јас многу строга, имам сè уште забелешки. Мислам дека ако не решиме да раскрстиме со партизацијата и политизацијата при аплицирањето, при изборот на луѓето во судството, во Јавното обвинителство, во Уставниот суд, во Управниот суд, во управните одбори и така натаму, тогаш ќе се вртиме во круг, истакна претседателката.
На прашањето што и претставува поголемо задоволство – обраќање пред студентите или говор на државнички самит, таа одговори дека „ниту една функција не може да го замени задоволството од амфитеатарот“. – Воздухот е поинаков. Тоа е нешто што е важно. Станувате млади, станувате бунтовни. Јас велам на студентите: „Вие без причина понекогаш, јас со причина“. Тоа е нешто што не се заборава, но има и нешто друго пак во политиката. Да не беше оваа функција, јас немаше да можам да си го запознаам народот одблиску, вели претседателката и додава дека е важно да ги убедувате луѓето дека таму сте заради нив, а не заради својот статус или заради некои привилегии, наведува претседателката.
Таа за себе вели дека е борец, а на прашањето од каде енергија, време…додава дека сè е во умот. – Ако вие сте убедени дека може да направите нешто добро и вреди тоа да го направите, вели претседателката и додава дека можеби не сечии очекувања ги исполнила.
– Е сега, политичкиот ангажман понекогаш до таа мера времето ви го диктира, што семејството може да биде оставено на маргините, за жал. И понатаму имате страшна грижа на совест. Знам, па си викам јас – да не беше поубаво да си ја чувам Роса, внука ми, одошто… Но, кога ќе се нафатите на нешто… јас сум борец, си кажувам, борец сум, истакнува Сиљановска – Давкова.
Претседателке, патот кон Европската Унија го опишавте како маратон со пречки. По две децении кандидатски статус, како ќе спречиме граѓаните да не ја изгубат вербата во европската перспектива?
Најпрвин не смееме да ги заборавиме граѓаните. Ние сме привремени, ние сме ефемерни, ние не сме совршени. Денес, политиката е во голема криза бидејќи главно се занимава со тоа кој, кога, како и каде ќе добие, но граѓаните се изворот на нашиот легитимитет и тие се носителите на суверенитетот. Јас затоа, кога реков дека е охрабрувачки, па и документот што се вика нон пејпер, бидејќи ќе стане пејпер, претпоставувам, нема да остане нон пејпер – зошто нема да остане, затоа што таму има навистина не само начела и принципи, туку конкретни активности што ќе се прават. Така и студентите, така и учениците, така и граѓаните, така и стопанствениците ќе може да учествуваат и во натпреварот на европскиот единствен пазар, но и во креирањето на оваа заедничка политика иако тука ние сме единствената држава со 100-процентно усогласена надворешна и безбедносна политика, што е многу важно во овие времиња.
Јас сигурно, веројатно чувте, се насмеав кога реков малку сум изненадена истите актери, истите претседатели и премиери, истите министри, на еден начин се однесуваат во рамките на НАТО, сосема на поинаков се однесуваат кога разговараме за ЕУ. А од друга страна, значи тоа е она што ќе ни овозможи, претпоставувам и мислам дека е така, што велите вие, да, да ги охрабриме граѓаните дека европските принципи и вредности, оние што се зацртани, а што не се почитуваат во конститутивните акти, дека се и македонски принципи и вредности, дека и овде можеме ние да функционираме на ист начин бидејќи, како што ги следам анкетите, и во другите држави, особено младите, велат дека не се задоволни од животот, би ја напуштиле државата. Знаете, како онаа еврејската поговорка – да имате сѐ, па потоа да немате, што е страшно, ние сме научени некако… жилави станавме. Навистина станавме. Да се навикнуваме. Да, да, да се адаптираме, да преживуваме, да се бориме. Тоа е нешто што ни е карактеристика и ми се чини дека затоа е потребно охрабрување, ама не само охрабрување, бидејќи 20 години преку играта морков и стап… еднаш реков морковите се изедени, стаповите се искршени, веќе нема логика да вежбаме терапевтска демократија, навистина сѐ уште мислам дека може да се најде решение.

Претседателке, изминатиот период имавте неколку официјални посети, само овој месец бевте во Словенија и Словачка, претходно бевте и во Хрватска. Покрај земјите од ЕУ и НАТО, имате и контакти со колеги од други важни земји. Што е следно на ред на оваа агенда, освен оваа билатералната?
А освен билатералната, што е друго? Па, набргу ќе одам во Анкара на самитот на НАТО. Се договараме, обично со премиерот, се разбира заедно со министерот за надворешни работи, тоа е една посета, која е сосема извесна. Што имам друго? Има, ќе има во јули, ми се чини, да, една интересна посета можеби за нашиот регион – ќе нѐ посети претседателката на Индија. Јас понекогаш велам дека во политиката се важни и личните контакти. За среќа, денес на светската политичка сцена има неколку претседатели, премиери, министри со кои јас сум имала блиски односи од поинаков, од научен вид, членувајќи во Светското здружение за уставно право, Венециската комисија, во Советот на Европа, така што мислам дека мора да се отвораме и кон другите делови од светот.
Овде неодамна беше и Руте и генералниот секретар на Советот на Европа, Берсе. Дали чувствувате поголемо разбирање за македонските позиции отколку пред неколку години?
Апсолутно е тоа видливо. Само тргнете од тоа дека се случи да се побара правно мислење за природата на протоколите, дека се случува… јас не можам да раскажувам за средбите на моите претходници, меѓутоа, кога ќе чујат аргументи, кои не се само политички, туку се аргументи од суштинска природа за Европската Унија, да ве сослушаат, да споделат мислење, да ви кажат дека имало дилеми, дека понекогаш им било укажувано – зборувам за тинк-тенкови, исто така на тие дилеми, но треба да знаеме дека кога ќе се најде некој важен акт на масата на Европската Унија, она што тие го гледаат, што го анализираат, е она што го слушаат. Ако вие таму речете дека преговарачката рамка е во ред, дека е усогласена, дека е тоа направено bona fide, тие ќе ви поверуваат. Ако вие укажете пристојно, културно, со аргументи, дека имате укажувања, дека имате забелешки на некои решенија, дека тие решенија не кореспондираат со филозофијата на Европската Унија, дека тие решенија не се прифатливи за повеќето од граѓаните, дека не можете тукутака да ги наметнете бидејќи зборувате за демократски, политички европски систем, за демократски политички систем, македонски политички систем, тогаш мислам дека ќе размислат, ако не самите тие, тогаш нивните соговорници.
Јас сум имала не знам колку панели во овој период: од панел во Азербејџан за демократијата, за евроинтеграцијата, до панел на „Колумбија“, до панел во Франција со некои од советниците, висок дипломат, на господинот Макрон. Тие не се однесуваат кон мене тогаш само политички, туку ве слушаат, го бележат тоа, го пренесуваат тоа. И затоа јас честопати говорам дека е време за политика заснована на докази. Ние не смееме надвор да се однесуваме фрустрирано, субмисивно – мала држава, мал претседател, мора да послушате. Вие мора да ги изнесете националните интереси, ставови и да ги браните. Таков ќе биде и односот кон вас, се разбира, доколку има, доколку го заслужувате тој однос и доколку сте рамноправни со нив во разговорот.
Каква порака добивате од европските партнери во однос на реформите?
Јас, се разбира, од средбите можам да кажам дека велат оти сме во кондиција, дека работиме, но импресијата тука не е битна. Јас реков: политика заснована на докази. Фактите во односот се многу поважни. Колку пари сте добиле од планот за раст, каде се наоѓате во градацијата – економска, политичка… Каде се наоѓате во справувањето со енергетските проблеми?
Тоа се нешта што кажуваат повеќе од зборовите. Каде ве предлагаат да членувате, зошто тоа е… Значи, има нешта што не мора да се кажат, се гледаат од бројките. Реформите се тие. И затоа јас имам разбирање… доколку нон пејперот стане добар пејпер, добар документ со точни агенди, временски агенди, профили на патот на секоја држава и така натаму.
Како што видовме по СЕПА и резултатите од СЕПА, го видовме од ТАИЕКС и по резултатите од тоа. Многу такви има можности и тоа е, всушност, суштината на европеизацијата.

Најавивте дека Македонија ќе го организира настанот „Брдо – Бриони“. Зошто, наместо на Бриони, каде што требаше да се одржи настанот, регионалните лидери ќе се соберат во Македонија? Ќе го спасува ли Македонија овој процес?
Не знам дали да го употребам глаголот спасува, но тоа е знак на доверба. Да, сами бевме сведоци на некои проблеми во комуникацијата во регионот, така што беше доведено во прашање одржувањето на процесот „Брдо – Бриони“, инаку инициран од Словенија и Хрватска. Еве ја користам оваа ситуација да кажам дека нивното иницирање на овој процес е извонреден чекор бидејќи тие влегоа во Европската Унија, можеа да речат „до вчера бевме заедно, се грижевме едни за други, сега не гледаме спремност за дијалог таков каков што ние очекуваме – европски, вие справувајте се“. Тоа беше одличен, одличен чекор, според мене. Не смее процесот „Брдо – Бриони“ да престане.
Се разбира, кога колегите од Словенија и од Хрватска сметаат дека јас би можела да бидам таа што ќе ги собере сите, јас веднаш прифатив, мислам дека не е тоа грешка. Ќе се обидам и веќе се обидуваме да ги координираме сите и да се сретнеме или во Скопје или во Охрид. Може нема да биде тоа ни Брдо ни Бриони, ама ќе биде еден добар балкански чекор. Да, ние немаме, немаме никаков проблем, особено не територијален или друг проблем, со нашите соседи, да бидам искрена. Ние дејствуваме во рамките на процесот „Брдо – Бриони“ како одговорен регионален играч и тоа го почитуваат сите мои колеги и колешки.
Да се вратиме на домашен терен, а тука, клучно, засега, се чини, се правосудството и очајната доверба од два отсто на граѓаните во него. Ние проблемите ги решаваме со нови закони, а сите досегашни се исто така донесени под европски закон, потоа пак носиме измени или нови закни, повторно со европски консултации, но проблемот од два отсто останува. Не помогна ни Академијата за судии и обвинители. Двојните аршини се речиси секојдневие. Каде тогаш, според Вас, е решението за правосудството да ја добие довербата?
Во сериозни реформи. Се покажува дека тука извештаите на Европската Унија, да, ги нотираат главните проблеми. Не е доволно само да го хармонизирате законодавството – почнат е тој процес, но важно е – бидејќи, ако предвидите вие построги критериуми за изборот на судии и јавни обвинители, сигурно дека тоа ќе се одрази и на… или има врска со нивниот интегритет и дигнитет во постапувањето. Меѓутоа, знаете, ние бевме сведоци дека, всушност, еден антисистем стана систем или дека она што беше недозволено стана нешто… нешто редовно. За тоа треба време, меѓутоа тука сум и јас многу строга, имам сè уште забелешки. Мислам дека ако не решиме при аплицирањето, при изборот на луѓето во судството, во Јавното обвинителство, во Уставниот суд, во Управниот суд, во управните одбори и така натаму, да раскрстиме со партизацијата и политизацијата, дека ќе се вртиме во круг.
Сите што се нашле на право место, а се погрешни луѓе, кои не го заслужуваат тоа место, нема да им бидат верни на законите, на Уставот, на владеењето на правото, на етиката и на моралот, туку на оние што ги номинирале и на оние што ги лоцирале на овие високи позиции. Никому не му дошле умот и знаењето од позицијата на која се нашол, туку од макотрпна работа, учење, полагање, вложување во себе и ценење на сопствениот дигнитет и интегритет. Тоа е она што ни е неопходно бидејќи никој не може процентот однадвор да ви го зголеми или да ви го намали. Перцепцијата кај граѓаните е сè уште таа, значи мора да се исчекори во нејзиното надминување. Како? Со поинакви резултати, со филозофија на санкционирање, со филозофија на одговорност, со филозофија на… важење на правдата и за оние на највисоките позиции, а не со нејзино избегнување, со сериозно посегање по преиспитувањето на потеклото на имот.
Еднаш мораме тоа да го направиме, не велам дека е… дека е тоа невозможно, можно е. Секој кога ќе стапи не само на определена функција, на определена работа, лесно е да се провери со што влегол, како излегол и дали е тоа можно. Бидејќи, не се чудам јас на огромните пари на некои ликови во светската политика, врзани за вештачки интелигенции и така натаму, ама кога ќе видите профили кои од својата работа апсолутно не би можеле да го заработат, да го стекнат богатството, сигурно дека тоа треба да се испита. А понатаму тие цврсто се држат за богатството бидејќи филозофијата им е дека со парите може сè да купат и некако добиваме впечаток дека правдата не ги стигнува сите. Тоа мора да се надмине.
Претседателке, речиси и да нема Ваша официјална или работна посета каде што немате предавање или средба на универзитет. Колку академската средина може да придонесе за меѓународната позиција на државата и што е тоа што студентите во странство Ве прашуваат за Македонија, а нашата јавност ретко го поставува како прашање?
Ех, тоа е… Студентите се секаде бунтовни, младоста е бунтовна, прашуваат и ниту една функција ниту еден статус не може да го замени тоа задоволство некого да научите и да бидете почитувани од нив. Ова што ме прашувате, зошто е така… За среќа, денеска исто така во светот, во некои држави, на многу високи функции се наоѓаат и претседатели и премиери… И, веројатно, кога разговараме која е причината да се нафатат за тој предизвик, таа е слична. Сите велат: „Па особено ако се мои, од мојата област, она што го предавав, она во што верував, она за што ги охрабрував студентите, сега ќе се обидам да го спроведам“.
Таа средина е далеку поинаква од политичката. Нели таму нема послушност. Затоа јас се чудам како може историјата… научници историчари да разговараат за историја под капа на министерство за надворешни работи, значи под капа на политика. Наука под капа на политика не може да успее, да опстои, и кога сакам да се одбранам јас, да кажам нешто што е во науката, велам: „Сепак, професорот во мене е сè уште присутен, а ова е некое привремено… некој привремен статус“. Ќе заврши, ама ова другото нема да остане. За што зборувам? Да, за најактуелните проблеми, дури мислам дека и тоа има влијание врз градењето на ставовите и на некои политичари бидејќи понекогаш и тие присуствуваат. На пример, насловот на моето предавање на „Колумбија универзитетот“ беше „Македонскиот маратон кон Брисел…“, што рековте вие, „…чекајќи го… или чекајќи го господинот Годо“. Да, прекрасен беше амбиентот, дијалогот…

Таму го продолживте предавањето, имаше премногу студенти, премногу прашања. Знам, мислам дека требаше да заминете на вечера со претседателот Трамп, а вие дозволивте да продолжи.
Да, ама видовте и мојот соговорник, професорот по политички науки беше експерт за евроинтеграции и, се разбира, тој поставуваше и иритирачки прашања. Но, предизвикот е друг. Да, тоа е. Помага многу. Кога ќе видите вие во Генералното собрание ваш колега од „Колумбија универзитетот“ како ве охрабрува, па понатаму ќе дојде кај вас, кога ќе видите професор од „Колумбија“ како ќе дојде ова лето – беше 10 дена во Охрид за да нè охрабри, за да ме праша како да ми помогне. Кога ќе отидете во Словенија и ќе си ги видите сите членови на комисијата, кои се во многу подлабока возраст од мојата, како дошле да ве удостојат… Прекрасно е. Ама тоа не е случајно. Неколкумина од нив исто така биле политички ангажирани. Кога ќе одите во Хрватска и кога ќе одржите предавање, кое исто така се однесува на ветото, на пречките на нашиот пат, и тоа е убава можност. Таму се професорите, но исто така некои од нив биле или сега се во политиката и така натаму. И луѓе од знаење може да проценат… Може да проценат и – што е најважно – ценат знаење, да, ценат знаење.
Неодамна во Кабинетот, заедно со колегата Иванов, дојде една група на луѓе што биле бивши министри, бивши претседатели, познати експерти, бидејќи се тие во оној форум за дијалог меѓу цивилизациите, за културна дипломатија. Меѓу нив имаше имиња кои се врвни. Кога ќе одите на Генерално собрание и потоа во „Харвард клубот“, ќе ги видите бившите претседатели, премиери и претставници на Европската Унија, тогаш и ќе ви изразат поддршка, тоа е нешто многу важно. Истото тоа се однесува кога ќе отидете во „Јејл клубот“ или кога ќе отидете во Париз. Јас затоа деновиве со тешка тага ја доживеав смртта на претседателот на Асоцијацијата… се вика Ганџави, формирана во Баку, во Ровшан – еден првен интелектуалец на чело на една ваква асоцијација на бивши претседатели, премиери, вршители на највисоки функции, за дијалог на цивилизациите и за културна дипломатија. Тоа се нешта што ве инспирираат и си велите: „Па можеби кога луѓе од знаење и од одговорност ќе се најдат на многу важни позиции, тогаш светот ќе стане попристојно место за живеење, Европа ќе стане попристојно место за живеење“.
По толку години во амфитеатар, што Ви носи поголемо задоволство? Обраќање пред студентите или говор на државнички самит? Тоа е едно, а друго е дека не се откажавте од секојдневните контакти со граѓаните, Вашите посети на зелениот пазар… еве само пред интервјуто имавте средба со граѓани во Вашата канцеларија, во близина до нашето студио.
Искрено, искрено… реков веќе на почетокот. Ниедна функција не може да го замени задоволството од амфитеатарот. Воздухот е поинаков. Тоа е нешто што е важно. Станувате млади, станувате бунтовни. Јас им велам на студентите: „Вие без причина понекогаш, јас со причина“. Тоа е нешто што… што не се заборава, но има и нешто друго, пак, во политиката. Да не беше оваа функција, јас немаше да можам да си го запознам народот одблиску. Кога сте професор – да, студентите се тие што доаѓаат од разни средини со разни статуси. Ама во случајот со мене, кога одите во кампања, вие ја гледате… одблиску, со сите проблеми, со сите доблести. И тоа е многу убаво, охрабрувачко. Кога гледате дека ве прашуваат, вие одговарате, ве охрабруваат – не дека јас не грешам, тоа е невозможно, невозможно е, секој човек греши.
Меѓутоа, мислам дека е важно да ги убедувате луѓето, како студентите така и луѓето, дека сте таму за нив, а не поради својот статус или поради своето патување или, да не кажам, за некои привилегии, кои мене многу ме нервираат, да бидам искрена. А ова што спомнавте – зелен пазар или, не знам, Гарсон или Крин. Многу ми недостигаат. Како дете, еве денеска се чувствувам овде како во старото маало. А денешната средба со децата, јунаци, кои го победиле ракот… И не знаев за тоа, дека кога ќе оздрави некое дете, во болницата имало ѕвоно… Да, ѕвончето. И сега се сите успешни во својата област. Е тоа е нешто што ве тера да заклучите дека искушенијата се некогаш… не се случајни никогаш. Изгледа нѐ тестираат нешто, дали сме издржливи, дали може да се одбраниме. И ги гледам јас нив како да викаат: „А што ми може мене една болест, па и не знам каква нека е, ќе ја победам“. Сите и не само тие што студираат – замислете во Франција или…
И затоа треба ние да создадеме услови за еднаквост на нивните шанси. За нивните родители исто така да размислуваме, како што, да бидам искрена, и другата средба беше трогателна бидејќи тоа беа луѓе бранители од 2001 година. Ние не смееме да заборавиме на нивната жртва. Значи, треба… треба да внимаваме за нив и треба достоинството да им го сочуваме името.

На половина од мандатот, што е она што го замислувавте поинаку кога влеговте во претседателскиот Кабинет и што најмногу Ве изненади откога станавте претседателка?
Во Кабинетот… што ме изненади… Не знам, не е тоа за зборување, меѓутоа, да… Не можете тоа што сте го напишале во програмата и си мислите дека точка по точка ќе го спроведувате… Тоа бил вашиот план и концепт. За да дојде до негова реализација, не се доволни само луѓето околу вас – да не заборавиме, повеќето од нив сте ги наследиле, тие си се вработени. Која сум јас сега да речам: „Вие нема да бидете овде, ќе си одите, јас ќе донесам мои луѓе“ и така натаму. Јас гледам тоа да го направам во минимални рамки бидејќи се работи за трошоци.
И, затоа, кога ме прашуваат за советници – да, да, немам јас многу советници. За евроинтеграции имам, за закони имам, зашто тоа ми е неопходно за да може вие да потпишете указ. Треба да знаете сè за предметот, треба некој врвен правник за да нема ништо неуставно, да нема проблеми. Евроинтеграции – да, и воопшто не водам сметка дали некој бил во времето на некоја друга власт или не, гледам кое е знаењето, а тоа да го терате… ви треба. Ама главно проблемите вам ви диктираат како ќе се однесувате.
Бидејќи, она што мислам дека е најважно за мене: ако си заминете од факултет и студентите, без оглед во која партија се, ве сакаат и ве почитуваат, тоа е најважното, оти сте ги научиле. Истото е и со луѓето. Вие мора… луѓето очекуваат да ги сретнете. Луѓето очекуваат, ако слават на некој универзитет 80 години или на театар, таму да бидете. А јас сум човек што сака по свое. Јас сакам она што го кажувам да ја има мојата боја, јас да го напишам, а тоа е просто невозможно секогаш. Тоа бара голема работа.
Значи, бомбардирани сте секој ден од барања – да ве посетат, да ги удостоите, да ги посетите. Тоа е лента што не можете да ја контролирате. Е, сега, кога ние сами ќе останеме, се смеам јас понекогаш навечер таму со обезбедувањето, бидејќи не сте ја довршиле работата, вие останувате да речете: „Ама чекајте, чекајте, мојата програма и агендата, чекајте сега оваа што ви ја кажуваат“. Ама вреди.
Кога ќе одите вака на улица овде, па ќе ви мавтаат од автомобил, ќе ви свират, ќе ве застанат и вие ќе застанете со нив, ќе си разговарате. Тоа е нешто… не знам како да го опишам. Е, сега, политичкиот ангажман понекогаш до таа мера времето ви го диктира, што семејството може да биде оставено на маргините, за жал. И понатаму имате страшно гризење на совеста.
Тоа е и кај нашата професија…
Знам, па си викам јас… да не беше поубаво да си ја чувам Роса, внука ми, одошто… Но, кога ќе се нафатите на нешто, јас сум борец, инаку, си кажувам – борец сум.
Ако велат: „Е од кај може сила, енергија, време?“, може. Сè е во умот. Ако вие сте убедени дека може да направите нешто добро и дека вреди тоа да го направите, не можете сама да го евалуирате, другите ќе го евалуираат. Ама, да, јас знам дека можеби не сечии очекувања сум исполнила. Но, јас не можам да излезам понекогаш од надлежноста бидејќи верувам во потребата од спреги и кочници, од поделбата на власта. Не може мојот одговор да биде ист како на факултет. Не знам од каде ми извира енергијата кога ќе отидам на „Колумбија“ или во Љубљана. Ама овде морате да ги мерите зборовите, да внимавате никого да не повредите, никого да не навредите, ама па исто така и секому да му кажете, без оглед на неговиот статус и на големината на неговата држава, за некои работи отворено дека поинаку мислам, дека можеби треба да го чуете и нашето видување. Можеби не можете од далеку да видите дека работите се поинакви. Тоа е тешка работа.
Тешка работа е, но важно е да не сме ние фрустрирани само затоа што доаѓаме од мала држава. Не, јас тоа одамна сум го надминала и апсолутно, кога ги кажувам нештата, ги кажувам онака како што мислам дека се и никогаш не заборавам кого претставувам. Никогаш. Никогаш нема да си дозволам јас да ги забавувам другите. Никогаш нема да дозволам некој да си лекува комплекси на мене.
Ги користам аргументите на професијата што ја имам и мислам дека тоа е понекогаш причината што некој од Индија ќе сака да дојде кај нас, или да ве насмеам, што некој од Азербејџан во клучната студија за посетите на претседателите во претходните неколку години на насловната, еве требаше да донесам, но ми беше непријатно – ќе ве стави вас. Па ќе го прашуваат: „Зошто македонската претседателка?“ А ќе рече некој: „Не ви е јасно?“ Не, од мене ништо не може тие да добијат, освен став, видување. И затоа јас честопати говорам дека ЕУ треба да подразмисли за методологијата на преговорите. Не може, значи, тоа да биде „молчи и слушај“. Како постар брат и помлад, или богат и сиромашен. Не. И кандидатите, и кандидатите за кандидати имаат што да кажат.
Е какви се тие преговори кога вие мене ми велите: „Еве ја рамката, спроведете ја, сменете го Уставот оти ние сме внатре, ние сме ексклузивно друштво, а вие чекате“? Не. Тоа многупати го споменувам, еден многу познат американски професор, ама и еден од најдобрите познавачи на евроинтеграциите, Џозеф Вајлер, го нарекува „евромандаринство“. И на ЕУ исто така ѝ требаат длабоки реформи како на Обединетите нации. Штом ќе ви се случи војна, а вие сте настанале како мировен проект…
Тоа го спомнавте и во говорот во Обединетите нации, дека требаат реформи во Обединетите нации…
И во Обединетите нации. Првата реформа – жена генерална секретарка. 80 години тони материјали, gender issues, gender balance… Ајде ве молам поезија, а како можело жена да нема генерална секретарка на Обединетите нации? Реформа на Генералното собрание, реформа на Советот за безбедност. Каде е Советот за безбедност? Војна има во светот, па тие треба таму да спијат, да одлучуваат, ама најважното е – треба да спречат војни. А не секогаш отпосле да реагираат. Истото се однесува и на ЕУ. Јас не верувам дека не можеше да се спречи војната. Пак треба да се седне на зелена маса и да се преговара, ама треба вие да бидете факторот, креаторот, бидејќи на ваша почва се случува. Оти и примерот на Југославија покажува дека Европската заедница, Европската Унија, доцнеше овде. Побрзи беа Американците, а од каде доаѓаат? Така?
Да, така е.
Е, па, каде се научените лекции? Нели? Како вели, со право, Џорџа деновиве: „Па ние требаше да испратиме преговарач, повторно жена, повторно жена“. Не дека жените се по дефиниција поумни, туку потежок пат имаме ние и… потежок пат имаме. Кога имате потежок пат, развивате и дипломатски способности за да опстоите. Животот ни е најважен – на другите особено – и тоа е многу важна компонента за емпатијата и мора ние да не се откажуваме од половина популација, ум, знаење, креација, убавина. Поинаку ќе се решаваат можеби проблемите.

Претседателке, за крај, каква Македонија би сакале да видите на крајот од Вашиот мандат?
Ах… Да речам дека сакам да ја видам внатре во ЕУ, тоа е сега – 2026. Меѓутоа, ако не внатре – кога мислам внатре, мислам јас сум секогаш заговорник, да, треба да биде индивидуално зачленувањето, на заслуги, на мерит да биде, но мора да се води сметка и за регионалниот пристап, некој храбар чекор, каков што беше оној во 2004 година, ако сакаме многу полесно да ги решаваме проблемите во регионот. И затоа јас сакам… сакам да кажам – пред вратата, еве пред вратата кога мислам – завршени поглавјата, кластерите… Зошто да не, ќе речете: „Не ви личи, ова е утопија“. Видете колку бргу Албанија чекореше во отворањето и затворањето, а ако може Украина и Молдавија технички толку бргу да напредуваат, бидете сигурни дека ние можеме многу побргу. Значи, сакам извесност. Не велам дека ќе влеземе, но сакам да се знае дека врз основа на хармонизираноста – не само правна, туку и политичка, економска, реформска и така натаму – дека сте тука и дека во секој момент можете да влезете. Сама ниедна власт тоа нема да може да го направи.
Се обидов, верувајте ми, се обидов со најдобра намера да воспоставам контакт со опозицијата, да објаснам дека ако сме едногласни дома, да не одиме, прво, надвор, без да се договориме дома. Второ, да научиме дека надвор не се кажува она што се кажува дома. Често го цитирам Хелмут Кол кога го прашуваа во Шпанија за проблемите со финансирањето на партиите, а тој рече: „Не можам јас овде да одговорам, дома кога ќе дојдам, да“. Ние многу сакаме да раскажуваме пред другите и многу се восхитуваме од комплиментите. Дури и ко0га сме свесни дека не ни личат, мислиме дека е така. И тогаш правиме некои нешта што не се добри. Не се добри воопшто. Националниот интерес е најважен. Ние да имавме во многу прашања консензус и да не ја исклучувавме опозицијата – и сега не треба да се исклучува, нема демократија без опозиција – многу полесно ние ќе речевме: „Извинете, имаме задршка во поглед на ова решение, не е баш така, не е баш така. Мора да ги прашаме сите, да им откриеме“. Поинаку ќе гледаа… поинаку ќе гледаа на нас. Ама начинот на кој се однесуваа, се однесуваат кон нас од надвор, покажува дека ние сме ги охрабрувале дека уставните измени се главното решение. И, извинете, 36 амандмани, и сега нови. Решија нешто тие?
Не. Значи, јас не верувам дека она кога ќе видите, 2017 – највисоки оценки во извештајот, 2022 – највисоки оценки на извештајот и потоа еден драматичен пад. Не, не, не. Тоа убаво велат деновиве, common sense треба, граѓаните имаат здрав разум и ние треба тоа да го знаеме, дека имаме здрав разум и дека утре ќе си заминеме и дека треба слободно да шетате на улицава, на мојава, во маало, без да се срамите и да може да застанете со луѓето и да разговарате, како што јас разговарам со вас овде денеска.
Претседателке, Ви благодарам за разговорот.
И јас Ви благодарам. Ова беше веројатно најдолгиот, морам да кажам – најискрениот… поради прашањата, а има логика тоа и дека жена со жена го прави.
Пандорка АРСОВСКА-ГАЦОВА за МИА
Фото: Фросина Насковиќ
Снимател и продукција: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ




