Министерот за локална самоуправа Златко Перински и министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска беа дел од почетниот настан на проектот CulTour Crossing Borders (Антички Европос – Дојранско Езеро – Римски терми во Банско: Преминување на границите за одржлива култура и туризам“), кој се реализира во рамките на програмата „Интерег VI-А ИПА за прекугранична соработка со Република Грција“ – соопштија денеска од двете министерства.

Домаќини на настанот беа градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица, Бране Георгиев, претставници на партнерските организации и институции вклучени во реализацијата на проектот.

Проектот е со вкупна вредност од 1.382.043 евра и се реализира во период од 24 месеци. Вредноста на активностите што ги спроведуваат македонските партнери изнесува 451.603 евра, а Министерството за локална самоуправа обезбедува национално кофинансирање во износ од 90.321 евро.

Во рамкитењ на проектот ќе се реализираат активности за заштита и ревитализација на локалитетот Римски терми во Банско, изградба на потпорни ѕидови, поставување туристички инфо-пункт со поставување фотоволтаичен систем, уредување на пристапните патеки за посетители и современа покривна конструкција за заштита на археолошките остатоци.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински истакна дека проектот претставува уште еден успешен пример за тоа како европските фондови може да придонесат за локален развој, подобрување на туристичката понуда и валоризација на културното наследство.

– Прекуграничната соработка не значи само финансиска поддршка. Таа создава можности за нови инвестиции, размена на искуства и реализација на проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните. Во поширок контекст, проектот е дел од првиот повик на програмата „Интерег VI-А ИПА“ со Грција, во чии рамки беа одобрени вкупно 19 проекти со буџет од над 18 милиони евра. Во нив учествуваат 36 корисници од нашата држава, со вкупна вредност на проектите од 8,6 милиони евра. Овие бројки покажуваат дека институциите и организациите од земјата успешно ги користат можностите што ги нудат европските програми за реализација на проекти од локално и регионално значење – изјави Перински.

Тој посочи дека Струмица е една од општините во кои во континуитет последнава година се реализираат значајни проекти со поддршка од домашни и европски извори на финансирање.

– Ме радува што во изминатиот период почесто сум во Струмица поради реализација на разни развојни и инфраструктурни проекти. Искрено посакувам тоа да продолжи и во иднина бидејќи секоја нова посета значи нова инвестиција, нов проект и нова придобивка за граѓаните. Покрај поддршката преку европските програми, преку двата јавни повици за инфраструктурни проекти Општина Струмица доби поддршка за 12 проекти во вкупна вредност од 335.482.797 денари – нагласи Перински.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека со проектот почнува нова фаза во заштитата и туристичката валоризација на еден од најзначајните археолошки локалитети во државата.

– Подготвени се сите потребни документи и дозволи, завршени се јавните набавки и почнува реализацијата на градежните активности. Проектот се реализира во партнерство со институции и организации од Северна Македонија и Грција, што е уште еден пример за значењето на прекуграничната соработка. Нашата цел е културното наследство да биде зачувано, но и ставено во функција на развојот – преку културниот туризам, нови можности за локалната заедница и поголема афирмација на богатото наследство на нашата држава – изјави Љутков.

Проектот CulTour Crossing Borders ги поврзува локалитетите Антички Европос во Килкис, Дојранското Езеро и Римските терми во Банско во заедничка прекугранична културно-туристичка рута, која ќе биде поддржана со дигитални содржини, промотивни активности и современи решенија за презентација на културното наследство.